Прогноза на Airbus: 39.000 нови авиони ширум светот до 2040 година

35

До 2040 година, на глобалните авиокомпании ќе им бидат потребни 39.000 нови патнички и товарни авиони, според европскиот авијациски концерн Airbus.

Се очекува побарувачка за 29,7 илјади авиони во малиот сегмент, 5,3 илјади во средниот сегмент и 4.000 авиони во големиот сегмент, се вели во соопштението на компанијата.

Повеќе од 15.000 од тие 39.000 нови авиони се очекува да ги заменат старите машини. Како резултат на тоа, до 2040 година, светот ќе оперира претежно со најсовремени комерцијални авиони (сега околу 13%), „што значително ќе ги намали емисиите на CO2 на глобалната воздушна флота“, посочуваат од Airbus.

Патничкиот сообраќај на светските авиокомпании, според концернот, наскоро треба да се врати на годишен раст од 3,9%. Растот ќе се должи на развојот на економиите и трговијата во светот, вклучувајќи го и туристичкиот сектор.

Најбрзиот раст на сообраќајот се очекува во Азија, додека домашниот патнички воздушен транспорт ќе ја направи Кина најголем пазар за такви услуги.

Airbus ја објаснува зголемената побарувачка за товар со растечката глобална интернет трговија. Очекуваниот раст на експресниот товарен транспорт е за 4,7% годишно, а зголемувањето на обемот на општиот товар (кој претставува околу 75% од пазарот) за 2,7%. Генерално во следните 20 години ќе бидат потребни околу 2.440 товарни авиони, од кои 880 ќе бидат ново производство.

Авио-гигантот ги проценува вкупните трошоци на воздухопловните услуги, вклучително одржување, обука, надградба, летови, расклопување и укинување на 4,8 трилиони долари во следните 20 години. Во истиот период, индустријата ќе има потреба од повеќе од 550.000 нови пилоти и 710.000 техничари.

Американската компанија Boeing Co. претходно ја процени побарувачката за цивилни авиони до 2040 година на 43,5 илјади единици. Најголем пораст на побарувачката ќе биде забележан за товарните авиони, велат од корпорацијата, објаснувајќи го тоа со развојот на е-трговијата.

Boeing го процени годишниот раст на воздушниот транспорт во светот во просек од 4%.