ПроКредит Банка вчера соопшти дека ја завршила 2012 година со позитивни финансиски резултати и раст на кредитното портфолио, зајакнувајќи ја поддршката кон бизнис секторот и бележеjќи континуиран раст во портфолиото кон овој сегмент и во време на забавена економска активност.
Во соопштението се вели дека 2012 била година со силни предизвици за реалниот и финансискиот сектор, како во домашното така и во меѓународното макроекономско опкружување.
Вкупното кредитно портфолио на банката достигнало 186 милиони евра што претставува раст од 13,2% споредено со 2011 година.
“Банката ја заврши годината со добивка од 2,6 милиони евра што е особено значајно и е потврда за нашиот одговорен и сериозен пристап кон банкарското работење. Процентот на кредити во доцнење во ПроКредит Банка изнесуваше 2,74%, далеку пониско од нивото на банкарскиот сектор од 10,49%”, се наведува во соопштението.
Во првиот квартал од 2013 година ПроКредит Банка започна со позитивни резултати, кредитното портфолио порасна за 13,1% споредено со првиот квартал во 2012, а остварената нето добивка изнесува 503.483 евра.
Од банката најавуваат дека и оваа година остануваат силен финансиски партнер на македонските многу мали, мали и средни бизниси.
Претприемачите ќе имаат активна и постојана кредитна поддршка за развојот на нивниот бизнис. Главен фокус ќе биде кредитирањето на производствениот сегмент, земјоделско и органско производство, како и енергетско ефикасните инвестиции, се вели во соопштението.