ПроКредит Банка – позитивно искуство на германски инвеститор во Македонија

28

prokredit

ПроКредит Банка, како единствена германска банка во Македонија беше присутна на деловната посета на Владата на Р. Македонија во Франкфурт, Германија. Целта на присуството на ПроКредит Банка беше да се сподели позитивното искуство од инвестициите на германскиот акционер ПроКредит Холдинг во Македонија. ПроКредит Холдинг Германија во Македонија е присутен со три инвестиции: ПроКредит Банка, ПроКредит Регионалната Академија во Велес и Quipu ИТ регионална компанија за ИТ консалтинг за ПроКредит Групацијата.

ПроКредит преку своето присуство во Македонија, регионот и Германија значајно може да го олесни финансиското работење на оние компании кои имаат свои претставништва на Балканот и Источна Европа. Со претставници на Владата и потенцијалните германски инвеститори се сретна г-дин Кристоф Фрајтаг, директор на ПроКредит Банка во Германија и г-дин Стевче Кузмановски, директор на сектор за мали и средни претпријатија на ПроКредит Банка Македонија.

“Ние сме задоволни од работењето на нашата Банка во Македонија за овие 11 години. ПроКредит Банка е пример како една странска директна инвестиција може да има позитивен придонес за развој на реалниот сектор. Моменталното кредитно портфолио на банката во Македонија е 211 милиони евра и е најквалитетно на ниво на банкарскиот сектор во Македонија. Тоа е значајна кредитна поддршка за здрав развој на малите и средни бизниси,  придонес за економското раздвижување и креирањето на нови работни места”, изјави Кристоф Фрајтаг, директор на ПроКредит Банка во Германија.

Од ПроКредит Банка најавија дека се во преговори да се овозможи кредитирање на македонските бизниси директно од банката во Германија по поконкурентни услови.

“Работејќи со нас, странските и домашните бизниси во Македонија имаат пристап до виско квалитетна услуга и модерна технологија иста како во банката во Германија. Во моментот сме во преговори за бизнисите од Македонија да се финансираат директно од нашата банка во Германија. Тоа ќе значи и намалување на каматните стапки на кредитите за добрите и перспективни бизниси кои сакаат да инвестираат во проекти за развој на бизнисот. Тоа е голема предност за нас како банка и работиме со цел да го овозможиме овој бенефит за клиентите”, изјави г-дин Стевче Кузмановски, директор на сектор за мали и средни претпријатија на ПроКредит Банка Македонија.

ПроКредит е банка со германски капитал, дел од Групацијата на ПроКредит банки специјализирани за работа со мали и средни претпријатија. Како странска директна инвестиција, во Македонија работи од 2003 година.