Промени во раководството на Боинг по последната криза со моделот 737

15

Американскиот производител на авиони Боинг започна големи промени во менаџментот на компанијата поради последната криза. Директорот на програмата Б737 беше отпуштен, со што ја заврши својата 18-годишна кариера во компанијата.

„Боинг“ вчера објави дека почнал да ги заменува претставниците на менаџментот на програмата Б737 МАКС, што е последица на последниот инцидент со овој тип авиони. Директорот на цивилниот огранок на Боинг, компанијата  Boeing Commercial Airplanes, Стен Дил вели дека компанијата веќе го отпуштила Ед Кларк, првиот човек на програмата 737 MAX, објави Њујорк Тајмс.

Сменетиот извршен директор ја презеде функцијата шеф на програмата за 2021 година во време кога Боинг го зголемуваше производството на 737 MAX по речиси двегодишно заземјување на моделот.

Шеф на програмата ќе стане Кејти Ринголд, која до неодамна беше потпретседател на операциите за испорака на Б737.

„Боинг“ најави и други промени во управувањето, што е последна во низата обиди на производителот да ѝ ја докаже на јавноста својата посветеност на квалитетот на производството на авиони, во што многумина оправдано се сомневаат. Смените доаѓаат кога Боинг се соочува со голема криза по инцидентот на летот 1282 на Алјаска ерлајнс кога дел од трупот се одвои од Б737 МАКС 9.

Производителот ќе воведе и нова позиција на виш потпретседател за квалитет, која ќе ја преземе Елизабет Лунд, актуелен виш потпретседател и директор за програми за авиони. Таа ќе води програма за подобрување на квалитетот и на производството и на синџирот на снабдување, пишува Simple Flying.

Компанијата во последниве недели нагласи дека го реновира својот процес за контрола на квалитетот, вклучително и зголемени инспекции во фабриката во Рентон каде што Кларк го надгледуваше производството на MAX 9. Производството во фабриката беше целосно затворено на еден ден за да им се овозможи на вработените да поминат низ квалитетно- поврзани семинари и работилници.