Промоција на македонски винарии во САД и Сингапур

48

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) во соработка со Здружението Вина од Македонија продолжуваат со промоција на македонското вино во светот. Минатата недела одржани се промоции во САД и Сингапур, а на почеток на месец ноември ќе се одржи промоција и во Данска, стои во соопштението.

Промотивните настани во САД се одржаа во Њујорк, Њу Џерси и Чикаго каде оваа година седум македонски винарници (Тиквеш, Стоби, Далвина, Бовин, Камник, Попов и Езимит) заеднички ги презентираа своите вина пред дистрибутери, увозници, ХОРЕКА и други професионални купувачи на вино на пазарот во САД. И оваа година при претставувањето на македонските вина посебен акцент е ставен на сортата Вранец, како најголем репрезент на македонските вина и беше организирана Мастерклас презентација за Вранец, којашто ја водеше реномираниот вински сомелиер, Роџер Бисел.

Промотивните настани се финансиски поддржан и оваа година од МЗШВ преку програмата за поддршка на руралниот развој за 2018 година. Овие настани во САД коишто во континуитет се организираат во последните шест години придонесоа за постепен влез на пазарот на повеќе македонски винарии и се од особено значење и за градење на препознатливност на македонските вина на овој пазар, а со тоа обезбедување на влез и поголем удел на пазарот.

Пазарот на САД е најголем увозник на интернационални вина којшто опфаќа 17,2% од вкупниот увоз на вина во светот со вредност од 6,2 милијарди американски долари, со што е оценет и како еден од пазарите со најголем потенцијал за македонското вино и извозот на македонските винарии на овој пазар секоја година повеќекратно расте. Истовремено, според податоците за извоз, македонското флаширано вино на овој пазар постигнува најголема извозна просечна цена по единица производ (4,1 евра за 0,75л) и каде се остварува вкупен девизен прилив до 800.000 евра.

Промотивните настани на македонското вино во Сингапур под слоганот Богатство од стариот свет беа специјално наменети за промоција на македонските вина, каде посетителите имаа можност да ги дегустираат најквалитетните вина од повеќе македонски винарии.

На промоцијата присуствуваа сомелиери и претставници од најголемите дистрибутери на вино од Азија, што претставува добра можност за отворање на нови пазари и зголемување на извозот на македонското вино. Сингапур е една од најразвиените земји во светот со увозна вредност на вино од 250 милиони евра годишно.

Целта на овие промотивни настани е градење препознатливост на македонското вино и остварување контакт со потенцијални увозници и дистрибутери со цел поголем извоз на македонското вино на овие пазари и токму поддршката и организацијата на овие промотивни настани даваат позитивни резултати во делот на градење на брендот и имиџот на македонското вино.