Пропадна обидот на НЛБ за преземање на Адико банка

65

Во понудата за преземање на Адико Банка АГ, НЛБ се стекна со 36,39 отсто од акциите, а сакаше да стекне најмалку 75 отсто од сопственоста, па понудата, која заврши во петокот попладне, оваа банка ја оцени како неуспешна.

НЛБ ја објави понудата за преземање на Адико банка на почетокот на јуни и првично понуди 20 евра по акција, минус идните исплати на дивиденда. Кон средината на јули ја зголеми понудената цена и понуди 22 евра за акција на Адико банка, минус идните исплати на дивиденда. Понудата важеше до 16 август до 17 часот, пишува Словенечката агенција за печат.

Најголемата словенечка банка, која е и најголема банкарска групација со седиште на територијата на поранешна Југославија, сакаше да преземе најмалку 75 отсто од акциите во банката со седиште во главниот град на Австрија. Поради ова, експертите, но и одборот на директори на Адико банка, се сомневаа во можноста за успешност на понудата поради сложената и расфрлана сопственичка структура.