Пропадна продажбата и на Хрватска поштанска банка?

26

hpbНишто од продажбата на Хрватска поштанска банка (ХПБ) до крајот на оваа година, пишува Нови Лист. Според извори на весникот, до сега е пристигната само една понуда. Официјално, ниту Владата ниту Министерството за финансии не зборуваат за пристигнатите понуди, за чие предавање рокот беше до понеделник на полноќ. Неофицијално, од банкарските кругови се дознава дека понуда поднела единствено Ерсте банка.

Иако претходно се шпекулираше дека интерес покажала и унгарската ОТП банка, Нови Лист пишува дека не поднеле понуда, додека понудата на Ерсте е под очекувањата.

Во првиот круг од приватизацијата на ХПБ, Ерсте понудила 130,3 милиони евра, а ОТП, која е еден од косопствениците на нафтената компанија МОЛ, за акциите на ХПБ понудила меѓу 92 и 118 милиони евра.

Без понуди остана и хрватскиот национален авиопревозник Croatia Airlines. За продажба на 49% од акциите, во првиот круг што заврши на крајот на минатиот месец, не се пријави ниту една компанија, иако претходно имаше заинтересирани.

Пред хрватската влада е и собирање на понуди за продажба на Кроација осигурување, каде во игра се полскиот осигурувач PZU и домашната Адрис група. Рокот на предавање на понудите е до следниот понеделник до полноќ.