Просечната месечна нето-плата во јануари изнесува 29.980 денари

18

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари годинава изнесува 29.980 денари и е за 6 отсто повисока отколку во истиот месец лани. Просечната бруто-плата, пак, изнесува 44.762 денари и е за 6,1 отсто повисока отколку во јануари 2021 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, зголемувањето на месечната нето-плата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 13,9 отсто, Други услужни дејности за 13,8 и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 11 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 8,6 отсто, Дејности на здравствена и социјална заштита за 6,6 и Други услужни дејности за 5 отсто.

Зголемувањето, пак, на бруто-платата се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 14,2 отсто, Други услужни дејности за 14 и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 10,7 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 7,6 отсто, Дејности на здравствена и социјална заштита за 6,7 и Други услужни дејности за 5 отсто.