Просечната плата ќе продолжи да расте

11

Заменикот на Претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, гостуваше во емисијата Утрински брифинг, на Слободна ТВ, каде што зборуваше за повеќе актуелни теми, помеѓу кои и нивото на просечнaта плата и управувањето со задолжувањата во Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Битиќи рече дека просечната плата продолжи да расте, а тоа е резултат и на значително покачената минимална плата, но и како резултат на притисок од пазарот на трудот.

“Минималната плата треба да биде некаде на 60% од просечната. Просечната плата континуирано расте и ќе продолжи да расте. Во декември 2020 година, просечната плата изнесува 28.294 денари, што е пораст од 5% во однос на декември 2019 година, или пораст од над 15% во споредба со 2017 година. Просечната плата расте и поради растот на минималната плата, која од 8.000 односно 9.000 денари, порасна на 14.500, и просeчната плата ќе продолжи да расте, затоа што економијата тоа го бара, затоа што пазарот на трудот тоа го наметнува. Мерките за поддршка на компаниите се конципирани на тој начин да се поддржуваат компании кои исплаќаат солидни плати кон вработените, не даваме ниту денар на оние компании кои исплаќаат минимални плати за вработените. Очекуваме во јуни 2021, кога се всушност 4 години од владеeњето на оваа Влада, да стигнеме до просечна плата од 30.000 денари. Во 2017 година беа потребни 4 минимални плати за да се задоволи потрошувачката кошница, сега се потребни 2,2 минимални плати, а тежнееме кон тоа да 1,5 минимална плата биде доволна за потрошувачката кошница“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот нагласи дека Северна Македонија има стабилен кредитен рејтинг и дека тоа значи пристап до поевтини кредити за раздолжување со претходни задолжувања кои се со повисоки каматни стапки.

Во моментов немаме одлука за задолжување, тоа е процес кој трае и кој го  води Министерството за финансии, но ако се задолжувам, би се задолжувале, со значително подобри услови. Би можеле да добиеме поволни заеми со каматни стапки помали за 50% од тие што ги имаме. Значи, би се задолжиле да ги вратиме старите задолжувања, со помали каматни стапки, кои сега се 8%, 6%, 5%, а ние може да најдеме кредити со каматни стапки и од 2,5%, со претходно земените кредити, граѓаните само за камати годишно плаќаат 150 милиони евра, тоа е недомаќинско работење. Кога би имале можност да се рефинансираат заемите со други заеми со пониски каматни стапки, секој би го сторил тоа, тоа е во интерес на граѓаните“, нагласи Битиќи во своето гостување во емисијата Утрински брифинг на Слободна ТВ.

Фото: Pixabay