Просечни плати во земјите од поранешна Југославија – македонските плати на дното

Највисока просечна плата исплатена во земјите од поранешна СФРЈ во март годинава имала Словенија, 1.423,75 евра. Најниска е во Северна Македонија – 568 евра.

Просечната исплатена плата во Северна Македонија за март изнесува 568 евра, што претставува номинален раст од 12,4 отсто во однос на март 2022 година. Сепак, просечната нето плата реално е за 2,0 отсто помала во однос на истиот период лани, пишува N1.

Просечната нето плата во март во Србија била 729 евра. Споредено со истиот месец од претходната година, просечната нето плата за март 2023 година е номинално повисока за 14,5 отсто. Но и реално е пониска за 1,5 отсто, пишува N1.
Во споредба со март 2022 година, најголем раст на реалните плати е забележан во Босна и Херцеговина (4,6 отсто). Во „плус“ се и Хрватска и Црна Гора, додека просечните нето плати во споредба со истиот месец лани се пониски реално во Србија, Словенија и Северна Македонија.

Просечната нето плата за март годинава во Словенија е номинално повисока за 9,0 отсто, но реално е пониска за 1,4 отсто во однос на истиот период лани.

Просечната месечна нето-плата по вработен во Хрватска за март 2023 година изнесува 1.130 евра. Тоа е номинално повисоко за 11,9 отсто, а реално за 1,1 отсто во однос на истиот месец во 2022 година.

Во Босна и Херцеговина просечната исплатена плата за март годинава изнесува 644,23 евра и во однос на март 2022 година номинално е повисока за 15,4 отсто, а реално за 4,6 отсто.

Просечната плата за март во Црна Гора изнесувала 781 евро. Во однос на март 2022 година, просечната нето плата бележи номинален раст од 10,9 отсто, а реален раст од 0,4 отсто.