Прв раст на индексите на светските берзи по две недели пад

57

Цените на акциите пораснаа на светските берзи минатата недела, но тргувањето беше многу нестабилно делумно поради ризикот од пропаѓање на Евергранде, најголемиот играч на кинескиот пазар на недвижности.
На Волстрит, Дау Џонс зајакна 0,6 проценти минатата недела на 34.798 поени, додека S&P 500 порасна за 0,5 проценти на 4.455 поени, а индексот Насдак 0,02 проценти на 15.047 поени.

Ова е прв раст на овие индекси по падот од две недели. Се чинеше дека негативниот тренд продолжува бидејќи на самиот почеток на тргувањето минатата недела светските берзи нагло паднаа поради ризикот од колапс на огромната кинеска компанија за недвижности Евергранде.

Проблемите на Евергранде, предизвикани од падот на продажбата и огромните долгови, можат негативно да влијаат на целиот сектор за недвижности, па кинеските власти им порачаа на локалните лидери да се подготват за евентуален колапс на оваа компанија.

Меѓутоа, во текот на неделата, пазарите се смирија бидејќи инвеститорите веруваат дека кинеските власти ќе помогнат, доколку е потребно, и доколку постои ризик проблемот да се прелее на целиот сектор.

Во втората половина од неделата Волстрит ги надомести сите претходни загуби и неделата ја заврши со плус.

Аналитичарите го припишуваат заздравувањето на пазарот на фактот дека на инвеститорите им олесна бидејќи ФЕД ги отстрани неизвесностите во врска со намалувањето на монетарниот стимул за економијата.

Имено, во средата, челниците на американската централна банка на редовната седница рекоа дека намалувањето на месечниот износ за купување на обврзници може да започне во ноември, и дека основните каматни стапки може да се зголемат следната година, порано од досегашните процени.

И на европските берзи цените на акциите пораснаа минатата недела. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 1,3 отсто, на 7.051 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна за 0,3 отсто, на 15.531 поени, а парискиот CAC 1,05 отсто, на 6.638 поени.

На берзата во Токио, пак, индексот Никеи падна за 0,8 отсто, на 30.248 поени.