Мајките и сите останати што се грижат за бебињата и малите деца добија ново помагало во исхраната на своите најмили. Тоа е првата македонска андроид апликација Бебе Готвач, која ги прави достапни советите и рецептите за здрава исхрана на најмладите.
Апликацијата Бебе Готвач содржи рецепти поделени по месеци уште од самиот почеток на дохраната, од 6-месечна возраст, па нагоре. Содржи табели за дохрана поделени по месеци кои ќе им помогнат на мајките во правилно воведување на нови намирници за соодветната возраст на нивното дете.
„Апликацијата Бебе Готвач ја работиме волонтерски, од љубов кон децата, мотивирани од непроценливото значење на правилната и здрава исхрана во градењето на здрави деца“, велат авторките на апликацијата Ирина Наков, Eлена Петковска и Весна Ѓурковска Каеска, кои воедно се и администраторите на Facebook групата Здрава храна, Здрави деца. Тие велат дека при изработката тргнале од сопственото искуство и дилеми во врска со дохраната на бебињата. Апликацијата е програмирана од Александар Јордановски, андроид програмер.
Сите рецепти и табели за дохрана се собирани од брошури за правилна исхрана на бебиња, готвачи за бебиња, искуства на други мајки и што е најважно се во согласност со препораките од Прирачникот за правилна исхрана на доенчиња и мали деца издаден од Институтот за Јавно Здравје на Република Македонија и неговата препорака за започнување со исхрана по шестиот месец од раѓањето на бебето. Апликацијата исто така нуди планер за неделни мениа кои ќе го олеснат секојдневието на секоја мајка и со кои нема да треба да размислуваат што да зготват во денот. Исто така содржи кошничка за намирници со која може да се обележат намирниците во рецептите кои се потребни за набавка.
Во овој момент Бебе Готвач е достапна само за андроид уреди, но нејзините креатори се надеваат дека набрзо ќе имаат можност да ја адаптираат и за iOS.
Апликацијата Бебе Готвач нуди над 160 рецепти поделени по соодветни месеци и може да ја преземете од Google Play Store https://play.google.com/store/apps/details?id=com.bebegotvach
Авторите планираат понатамошен развој на апликацијата во насока на зголемување на бројот и информациите. Се работи на информациите кои се поврзани со начинот на исхрана и нутритивни вредности на храната и со рецепти за големи деца кои секако можат да се консумираат и од возрасни.