Првичните проценки покажуваат дека извозот од еврозоната кон остатокот од светот расте

Првите проценки за билансот на еврозоната покажаа суфицит од седум милијарди евра во трговијата со стоки со остатокот од светот во јуни 2025 година, објави Европскиот завод за статистика – Евростат. Извозот на стоки од еврозоната кон остатокот од светот во јуни 2025 година изнесуваше 237,2 милијарди евра, што е зголемување од 0,4 проценти во споредба со јуни 2024 година, кога изнесуваше 236,3 милијарди евра.

Увозот од остатокот од светот во еврозоната, според податоците на Евростат, изнесуваше 230,2 милијарди евра, што е зголемување од 6,8 проценти во споредба со јуни 2024 година, кога изнесуваше 215,6 милијарди евра.

„Во јуни 2025 година, салдото на еврозоната се намали во споредба со мај 2025 година, а суфицитот се намали од 16,5 милијарди евра на 7,0 милијарди евра. Овој пад главно е предизвикан од намалувањето на суфицитот на хемикалии и сродни производи, кој се намали од 24,4 милијарди евра на 15,1 милијарди евра“, според Евростат.

Во споредба со јуни 2024 година, салдото на еврозоната се намали за 13,7 милијарди евра, главно поради намалувањето на суфицитот на хемикалии и сродни производи, кој, од 20,6 милијарди евра, сега е на ниво од 15,1 милијарди евра. Намалувањето е евидентно и во секторот машини и возила, кој се намали од 17,4 милијарди евра, колку што беше во јуни 2024 година, на 13,6 милијарди евра. Според овие податоци, намалувања се видливи и во категоријата други произведени производи, кои се поместија од суфицит од 2,4 милијарди евра на дефицит од 0,4 милијарди евра.

Во периодот од јануари до јуни 2025 година, еврозоната забележа суфицит од 93,3 милијарди евра, во споредба со 102 милијарди евра во периодот од јануари до јуни 2024 година.

Извозот на стоки од еврозоната кон остатокот од светот се зголеми на 1.485,8 милијарди евра, што претставува зголемување од 3,9 проценти во споредба со периодот јануари-јуни 2024 година, а увозот на 1.392,5 милијарди евра, што претставува зголемување од 4,9 проценти во споредба со периодот јануари-јуни 2024 година.

Трговијата во рамките на еврозоната се зголеми на 1.319,5 милијарди евра во периодот јануари-јуни 2025 година, што претставува зголемување од 1,3 проценти во споредба со периодот јануари-јуни 2024 година.