Претседателот на Бундесбанка (Deutsche Bundesbank), Јенс Вајдман предупреди на опасноста европските земји да станат премногу зависни од огромниот фискален и монетарен стимул. Тој повика на нормализирање на јавните политики коишто, поради кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19, започнаа со разни форми на помош и стимулации. Шефот на германската централна банка бара јасен временски рок за плановите за помош.
Вајдман го критикуваше европскиот план за емитирање на наднационален долг од 750 милијарди евра затоа што, според него, се создава своевидна “илузија на долг“ затоа што новиот европски долг нема да биде вклучен во податоците за државната задолженост, пренесува Novac.
Новата поделба меѓу земјите од север и југ е прашање на брзината со којашто стимулативните фискални и монетарни политики ќе се нормализираат. Оваа точка на расправија е многу чувствителна поради фактот што во моментот германската економија закрепнува многу побрзо отколку во некои други јужни земји како Шпанија.
Вајдман смета дека треба да се земе предвид дека повеќето европски земји значително го зголемија нивото на задолженост, што беше оправдано дејство, но сега е “подеднакво важно да се најде излез од режимот на криза“.
“Фискалната политика не треба да се навикнува на релаксиран курс, ниту, пак, треба да се потпира на ниски каматни стапки на долг рок. Затоа е важно да се намали нивото на задолженост по кризата“, објасни Вајдман. Посебен проблем е што цела низа компании стануваат зависни од грантови, даночни олеснувања или евтини заеми, и ова не треба да стане “ново нормално“.
Фото: Freepik