Тимот на Здружението на готвачи Гастро Мак учествуваше на меѓународниот гастрономски натпревар Гулашијада – Тропоње 2016, во Србија, од 05 до 07 август 2016 година, на кој освои прво место.
На Гулашијадата земаа учество 20 екипи од десет земји меѓу кои Италија, Швајцарија, Шведска, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Унгарија, Македонија и домаќинот Србија.
“За професионалните готвачи од нашиот тим предизвикот беше дотолку поголем затоа што во соседните земји гулашот е национално јадење што се подготвува на традиционален начин во бакарни котлиња на тивок оган на дрва. Горди сме на освоеното прво место во вака силна конкуренција составена од професионални готвачи во многу познати национални ресторани, универзитетски екипи од професори и студенти по гастрономија, здруженија на ловџии, здруженија на риболовци, дрводелци, здруженија на жени што гулашот го подготвуваат за семејни прослави и секако млади готвачи што веќе сериозно го совладале начинот на подготвување на храна во казан на огревно дрво за повеќе порции”, стои во соопштенито.
Како награда тимот на Гастро Мак се закити со Пехар за првото место, медали за учесниците и подарок котле за подготвување на јадењата на традиционален начин.
Екипата на Гастро Мак ја сочинуваа: капитен на тимот шеф Никола Мишковски, шеф на кујна во ресторан Камник, Бобан Симоновски, шеф на кујна во ресторан Скара бар, Зоран Мајновски, шеф на кујна во ресторан Естел, Бобан Билбиловски, шеф на кујна во ресторан Електра Гарден- Тетово.
Претседателката на Гастро Мак г-ѓа Адријана Алачки беше дел од петчленото интернационалното жири покрај судиите од Италија, Шведска, Црна Гора и Србија.
За време на манифестацијата, Гастро Мак го најави Првиот меѓународен гастрономски натпревар што од 17 до 19 октомври ќе се организира во Скопје.
Во овие денови кога како општество се наоѓаме пред предизвикот да бидеме солидарни, сплотени и секој да се понуди за помош во делот за кој се чувствува најкомпетентен и може да биде од најголема полза на граѓаните, тимот на Гастро Мак ги известува надлежните институции и граѓанските асоцијации дека со своите готвачи се става на располагање да помогне во оваа вонредна состојба која согласно препораките на лекарите и медицинските протоколи, бара исклучително внимателно дистрибуирање на храна и вода во загрозените населени подрачја и не употреба на зеленчукот и овошјето од површините поплавени од наносите од дожд.