Путин: Поевтин гас за Италијанците

104

Рускиот претседател Владимир Путин денеска оцени дека Русија и Италија одржуваат високо ниво на економска соработка за време на периодот на пандемијата.

– Деловните контакти беа отежнати од пандемијата на коронавирусот, а целокупната нестабилна состојба во светската економија секако не беше поттик за реализација на нови проекти и иницијативи. Сепак, со задоволство може да се констатира дека нашите земји успеаја да ја одржат економската соработка на прилично високо ниво – рече Путин на средбата со италијански бизнисмени во Москва.

Рускиот лидер, исто така, истакна дека италијанските енергетски компании продолжуваат да работат со „Газпром“ врз основа на долгорочни договори и дека затоа можат да купуваат гас по значително пониски цени од пазарните, кои значително се зголемија поради студените зими и помалата понуда од побарувачката.

Путин изјави дека Русија работи на концептот за развој на енергетскиот сектор со водород и дека до 2035 година би можела да стане еден од најголемите светски производители и извозници на водород.

– Во наредните години треба да започне реализацијата на пилот проекти поврзани со производство на водород со ниски емисии со ефект на стаклена градина и негова употреба во енергетскиот, транспортниот и индустрискиот сектор – додаде тој.

Шефот на руската држава, исто така, ги информирал италијанските бизнисмени дека растот на бруто домашниот производ (БДП) на Русија во 2021 година се проценува на околу 4,5 отсто и рече дека поддршката на макроекономската стабилност на земјата останува приоритет за руските власти.

– Сметаме дека макроекономската стабилност е клучен фактор за атрактивноста на Русија како инвестициска дестинација и имаме намера да продолжиме да и даваме приоритет и целосно внимание и поддршка – рече Путин.