Qantas го планира најдолгиот непрекинат лет од Сиднеј до Лондон

82

Австралиската авиокомпанија Qantas објави дека има намера, до крајот на 2025 година, да го спроведе најдолгиот непрекинат комерцијален лет – од Сиднеј до Лондон којшто би траел 19 часа.

По пет години планирање, компанијата објави дека нарачала 12 авиони „Ербас А350-1000“, како дел од програмата „Проект изгрејсонце“. Овие летови ќе почнат од Сиднеј до крајот на 2025, а подоцна можеби и од Мелбурн.

„Новите типови на авиони овозможуваат нови работи. „А350“ и „проект изгрејсонце“ ќе го поврзат секој град со само еден лет од Австралија, изјави директорот на Qantas, Алан Џојс.

Тестирањето долги летови почна во 2019 година, меѓу кои и пробниот лет од 17.800 километри меѓу Лондон и Сиднеј, којшто траеше 19 часа и 19 минути. Пробниот лет меѓу Њујорк и Сиднеј, пак, долг 16.200 км., траеше нешто повеќе од 19 часа.

Сингапур ерлајнс моментно го има најдолгиот комерцијален лет. Од тој град-држава до Њујорк се стигнува за нешто под 19 часа, а растојанието е околу 16.700 км.

Qantas има и лет меѓу Перт и Лондон, од 14.500 километри и трае 17 часа.

„Како што би очекувале, посебно внимание се посветува на дизајнот на патничкиот дел за да биде што поудобен за долг лет“, изјави Џојс.

Новиот „A350“ ќе собира 238 патници, а првата класа ќе нуди посебен кревет, фотелја и гардероба.