R RYZR е концепт кој е мешавина на мотоцикл и автомобил

24

RYZR е футуристички концепт развиен за целосно електричниот бренд на SAIC наречен R, а е креиран од страна на SAIC Design.

SAIC Design, дизајнерската куќа која е стационирана во Лондон, го дизајнираше футуристичкиот концепт наречен RYZR за целосно електричниот бренд на SAIC групацијата R, одбележувајќи три години откако студиото е основано. Самиот RYZR концепт е интересна мешавина на автомобил и мотоцикл. Тимот кој стои зад овој концепт го опишува како „автомобил кој можете да си го носите на себе“, бидејќи елемент на облека е вклучен во самиот дизајн. За стартување на RYZR наместо конвенционален клуч, се користи уникатна јакна која се вклучува во возилото.

Концептот е дизајниран како алтернатива на преголемиот метеж во јавниот транспорт – идеја која, во пост-пандемискиот свет, многу веројатно ќе биде одобрена од страна на патниците. А, со оглед на тоа дека станува збор за ЕВ, многу лесно може да се вклопи во урбаниот пејзаж со нулта емисија кон кој се стреми индустријата и човештвото.

RYZR, како и голем број други „мотоцикли со четири тркала“, ја комбинира агилноста на мотоциклите со стабилноста која ја нудат автомобилите. Маневрирањето е засилено од тркала кои се навалуваат, со тенки, заоблени пневматици од мотоцикл на предниот дел. Секако, возачот е сместен во отворена кабина, со што временските услови можат да влијаат на конечното возачко искуство.

„R RYZR е корисна, агилна, практична и возбудлива форма на урбан транспорт. Ги комбинира естетиката на најновите технолошки изгледи и проширена реалност со футуризмот. Ова е истражување на неконвенционалниот режим на транспорт за иднината – нови архитектури, нови искуства и нови емоции“, изјави Карл Готам, главниот дизајнерски директор на компанијата.

И додека претходните концепти од SAIC Design студиото многу веројатно нема да влезат во продукциска форма, постојат елементи од R RYZR кои би можеле да се допаднат на пошироката јавност и овој концепт би можел да заживее во одредена материјална форма.

Преземено од Avtoplus.mk