Работата на менаџерите е да обезбедат и создадат услови на раст и развој на компанијата

96

top class strategija i razvojШто е неопходно да се обезбеди стабилен раст и развој на компанијата? На ова прашање одговор даваа и дискутираа тројца бизнисмени и менаџери во успешни македонски компании. На панел дискусијата Подготовка на компанијата за раст и развој, со учесниците во Top Class програмата на CEED Македонија своите искуства ги разменија Илијанчо Гаговски, поранешен генерален менаџер на Мајкрософт за Македонија, Робин Зимбаков, основач, директор и косопственик на Солопром и Михајло Костовски, сопственик на Енерго Систем.

“Многу пати обезбедувањето на раст и развој не зависи првенствено од менаџерите, затоа што економскиот амбиент и условите во кои се работи можат да наложат одредени проблеми. Но, како и да е, работата на менаџерите е да обезбедат и создадат услови на раст и развој. Треба да ги предвидат економските текови и да ги преземат потребните чекори. Иако може да изгледа обемно, сепак основните чекори во планирањето на работењето мора да се применат, а тоа е да се има една поширока стратегија, зацртување на добри цели кои се однесуваат на сите сегменти на работењето, испитување на внатрешните капацитети на фирмата и создавање инфраструктура, потенцијал и одредени оперативни планови со кои ќе се исполнат поставените цели”, вели Зимбаков.

Сопственикот на Енерго Систем, Михајло Костовски оценува дека за секој бизнис, важен е тимот и пазарот на кој учествува.

“Животот е променлив и треба да се научиме да делуваме во променливо време. Треба да научите да функционирате при континуирани промени и можни изненадувања. Многу е комплексно прашањето како да се развивате, а тоа да биде во континуитет и да знаете каде сакате да стигнете. Тоа може да го постигнете со лична едукација, градење, надградување, ризик, правилни избори. Инаку, се друго е коцка. Почнете од тоа што денес го имате. Притоа треба искуства, а искуствата се грешки. Правете ги грешките, гледајте да не се капитални, за да стекнете знаења. Знаења стекнувајте, едуцирајте се максимално. Бидете самокритични, тоа е најтешкиот дел. Суетата ќе ве убие. Комуницирајте со светот, не останувајте локално, а сонувате за глобален развој. Основно е да се проектирате до 50 години, за вашиот личен подем. Потоа бидете спремни за паѓање. А за да не треснете кога ќе паѓате, оставете некој што ќе го продолжи тоа што сте го работеле”, ги сподели Костовски своите искуства со присутните.

Поранешниот генерален менаџер на Мајкрософт за Македонија, Илијанчо Гаговски смета дека растот и развојот не треба да се поставуваат како некоја специјална активност.

“Тоа е нешто секојдневно. Во тој смисол, за да се дојде до раст и развој потребно е да се изнајде баланс помеѓу краткорочните и долгорочните цели. Тоа е основна работа и задача на еден менаџер. Вие може да имате феноменална стратегија, ама ако немате егзекуција, ништо не правите. Од друга страна, ако само се концентрирате на егзекуцијата од денес за денес, тоа најчесто се одразува на сметка на корисниците Конкуренцијата која има малку поголем видик од вас, ќе ве надмине. Клучно е како да го најдете балансот, а балансот треба да го најде менаџерот на фирмата”, рече Гаговски.