Работата во складиштата на Amazon е како деветчасовен интензивен тренинг

50

Amazon важи за компанија што успеа во услови на пандемија да го сруши рекордот во остварување приходи и заработка. За тешките и напорни услови за работа се зборувало и порано, а само уште еден во низата е сведоштвото на Џенифер Бејтс, која работи во едно од складиштата на Amazon и се обидува со колегите да го основа првиот синдикат на вработени во компанијата на најбогатиот човек на планетата.

Според нејзе, во текот на 10 часа колку што поминува на работа, има две паузи од половина час, но преостанатите девет часа ѝ се чинат како секојдневен интензивен тренинг.

Бејтс предупредува дека двете получасовни паузи не се доволни за одмор, бидејќи складиштата се толку големи што многу од времето се троши само на одење во тоалет и враќање назад. Исто така, упатила и критика што лифтовите во складиштата се направени само за превоз на товар и на нив стои ознака дека не се за вработените коишто мора да ги користат скалите за да дојдат до четвртиот кат.

Таа ги навела своите забелешки на одборот на сенатот на САД за буџет, на којшто бил повикан и Џеф Безос, но тој не се појавил. Наместо тоа, Amazon испрати соопштение во коешто се напоменува дека сите повратни информации на вработените, вклучувајќи ги и критиките на Бејтс ќе бидат земени предвид, но наведуваат дека нејзините размислувања не се поклопуваат со мислењето на мнозинството вработени, бидејќи според некои истражувања, над 90% од нејзините колеги би го препорачале Amazon на своите пријатели.

Фото: Pexels