Работиме на мега инвестиција во инфраструктурата и здравството од неколку милијарди евра, најави Мицкоски

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска објави дека Владата работи на инвестиција во инфраструктурата и здравството од неколку милијарди евра.

Мицкоски не откри детали за инвестицијата, но посочи дека се работи за меѓувладин договор со една моќна европска земја, како и дека договорот „ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП“.

„Очекувам, добри вести за македонските граѓани, во текот на месец април и мај. Очекувам, многу добри вести на еден би рекол меѓувладин договор којшто би го потпишале, со многу моќна европска земја. Којшто ќе се мери во милијарди. Не во милиони, во милијарди, за проекти коишто се во инфраструктурата и во здравството, сега засега но, може тоа портфолио, и да биде зголемено. Но, очекувам ваков меѓувладин договор, ќе повторам со многу моќна европска земја, кој што ќе значи повеќе од 10% од бруто-домашниот производ.”, објасни премиерот.
Точно за кои проекти станува збор, премиерот Мицкоски рече дека прво да завршат преговорите по што, јавноста многу скоро ќе биде информирана.