Работиме за да живееме или живееме за да работиме?

36

zatvoren-pixabay

Фото: Pixabay

Кога се работи за кариера, начинот на живот и професионалниот стил, луѓето се делат на две општи групи – работохолици и хедонисти.

Додека на едните кариерата им е најголем успех во животот и постојана преокупација која ги мотивира и инспирира, другите на работата гледаат само како неопходен извор на средства за уживање во останатите социјални сегменти во животот.

Експертот за управување со кариерата Марк Колаковски ги потенцира основните разлики помеѓу овие два типа на луѓе, но и фактот дека поголемиот број од нив постојано балансира помеѓу работните и домашните обврски.

Моменталниот стил на живот може значително да влијае на вашите идни планови и одлуки. Тој може да ви отежне да се оттргнете од секојдневната рутина и едноличниот ритам, поради кој со години ги правите истите работи, па така станувате монотони и неисполнети.

Затоа размислете како живеете, кои се вашите приоритети и цели и обидете се да пронајдете граница помеѓу успешната кариера, слободното време за лични потреби и задоволствата на емотивен план.

Да се живее за работата

На луѓето кои припаѓаат на оваа група, центар на задоволството им е работата и секое достигнување кое го носи одредената професија. Во нивниот случај парите не се главен мотив, она што ги движи овие луѓе се репутацијата, високата оценка и признанието од колегите и околината. Во однос на високата плата, таа е доказ на постигнатиот успех и завидниот професионален статус.

Да се работи за да се живее

Спротивно од претходно наведениот тип на луѓе, многумина работат за да соберат средства неопходни за уживање во животот, за одгледување на семејство или за патувања. Иако кариерата не е центар на нивното задоволство, не значи дека овие луѓе ја запоставуваат работата.

Има поединци кои очекуваат висока плата, а работат многу малку, но постојат и такви кои навистина се трудат да бидат одлични во она што го работат, но сепак тоа не им е примарна цел во животот.

Запознајте се себе си

Најпрво запознајте се себе си и бидете сигурни што точно сакате – дали работата ви е примарна или секундарна цел. Тоа ќе ви помогне да имате реални очекувања од себе и да изберете професија која ќе биде согласна со вашите цели.

Кога околностите го диктираат одговорот

Понекогаш животните околности можат да бидат причина луѓето да ја изгубат страста која првично ја имале за одредена работа, поради тоа што повеќе не се во можност да најдат адекватна позиција, плата или работни услови.Тогаш почнуваат да работат исклучиво за плата или дополнителни бенефиции.

Но, може да се случи и спротивното, оние кои некогаш живееле за работата, поради некакви промени да ги сменат своите ставови за важноста на кариерата, насочувајќи ја енергијата кон други вредности.

Реалните очекувања

Освен што е потребно да се познавате себе си, треба да ја познавате природата и потребите на работата за која сте се одлучиле. Многу луѓе кои сакаат и очекуваат да работат од 8 до 16 (9 до 17), најчесто имаат кариери кои го немаат тоа посакувано темпо и тогаш доаѓа до лоши постигнувања и незадоволителни резултати.

Освен тоа, притисок можат да вршат и самите членови од семејството кои најпрво ќе ве форсираат успешно да одговорите на сите работни задачи, а потоа ќе ви замеруваат што немате доволно време за нив.