Работна седмица од 36 часа за вработените во МИА

92

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Медиумската информативна агенција (МИА) денеска (04.02.2019) потпишаа колективен договор со кој покрај повеќето придобивки вработените добиваат работна седмица од 36 часа, платен дополнителен ангажман, заштита од арбитрарно отпуштање, загарантирана слобода на информирање и други клаузули кои обезбедуваат подобри услови за работа.

Колективниот договор беше финализирани минатата недела, по речиси две годишни преговори и е прв колективен договор на ССНМ со медиум во Македонија.

По потпишувањето, в.д. претседателот на ССНМ, Звездан Георгиевски рече дека ова е историски момент кој ја отвора вратата за пошироко и посеопфатно подобрување на условите за работа на новинарите. Според него, овој колективен договор е гарант дека без членовите на Синдикатот нема да може да се чепка по правата на новинарите.

“Се надевам дека многу брзо добивките од овој договор ќе бидат видливи, не само за вработените, туку и за раководството на МИА, дека ќе стане добар пример што ќе го следат и другите медиуми за да дојдеме до нашата дефинитивна цел на колективен договор на ниво на гранка”, рече Георгиевски.

Директорот на МИА, Драган Антоновски, пак, смета дека секогаш може подобро, но дека во моментов ова е решението кое двете страни успеале да го испреговараат, но и дека од имплементацијата на колективниот договор ќе се увиди во кои делови е потребно подобрување.

“Може да се постигнуваат големи успеси со задоволни новинари кои ги имаат своите права, очекувам дека како МИА ќе добиеме поголема ефикасност и ќе бидеме подобри од тоа што сме”, рече Антоновски по потпишувањето.

Фото: Pixabay