Работната недела во Хрватска ќе се скрати за два дена?

23

zagreb

Хрватската Влада го усвои предлог законот, чија цел е зачувување на бројот на работни места, со кој покрај досегашната можност за прогласување на петок за неработен ден, може и четврток да се прогласи како неработен.

Министерот за труд и социјална политика на Хрватска, Мирандо Мрсиќ, рече дека Владата, преку поддршка на овој закон, ќе спаси 2.000 работни места, пишува Јутарњи лист.

Предложеното законско решение, како што нагласи тој, доби поддршка и од социјалните партнери на хрватската Влада, а во државниот буџет за спроведување на овој закон се обезбедени околу 660.000 евра за оваа година.

Со законот ќе им се овозможи на работодавците што имаат проблеми и коишто ќе направат програма за опоравување и програма за зачувување на работните места, а ја регулирале обврската за данок и придонеси, да користат поддршка за зачувување на работните места. Поддршката од државата за намалување на полното работно време ќе се утврдува како еднаков дел од износот на платата за бројот на работни часови за кои на работникот му е скратено работното време, а најмногу до износот на минималната плата во државата.

На работникот на кој му е скратена работната недела, како и досега, ќе му биде исплатена разликата за точниот број работни часови што му се намалени.

Новина во однос на досегашното решение е во тоа што поддршката за зачувување на работни места може да се користи 12, наместо досегашните шест месеци.