Работодавачите бараат „метла“ за сивата економија: Кој не сака да работи, нема да биде во евиденцијата

Лицата ќе бидат избришани од евиденцијата на невработени доколку двапати во текот на една година одбијат понудено вработување или не се појават на интервју за работа на кое биле упатени од Агенцијата за вработување. За оваа мерка подолго време се разговара, а работодавачите и стопанските комори повторно го отвориле прашањето на последната средба во Министерството за економија и труд. Целта е да се намали сивата економија и да им се овозможи на компаниите побрзо да обезбедат квалификувана работна сила.

-За ова прашање разговаравме на последниот состанок во Министерството за економија и труд, при што беше предложено од евиденцијата на невработени да се бришат лицата кои двапати нема да се јават на понудено работно место. Има голем број невработени кои не се пријавуваат ниту на огласите за преквалификација и доквалификација. Затоа сметаме дека е потребно прочистување на евиденцијата, за да се утврди зошто дел од лицата не прифаќаат работа и дали работат во сивата економија, на пример на фарми, градилишта или на други работни места, изјави за „Локално“, Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи.

Тој додава дека за мерките предвидени со новиот Оперативен план за вработување, чија реализација треба да започне во текот на овој месец, на располагање се околу 40 милиони евра. Средствата се наменети за активни мерки за вработување, преквалификација и доквалификација на невработените лица, со цел полесно вклучување на пазарот на трудот.

-Со новиот Оперативен план се зголемени средствата за самовработување, односно за отворање сопствен бизнис, додека се намалени средствата за обуки за Ц-категорија, ИТ-обуки и други програми кои не се директно поврзани со конкретен работодавач. Често се случува невработените да ја завршат обуката, а потоа да заминат на работа во странство. Затоа е донесена одлука во иднина лицата кои ќе посетуваат вакви обуки, во согласност со договорот со Агенцијата за вработување, да работат една до две години во државата или да ги вратат средствата вложени во нивната обука, појасни Димитров.