Германските власти вчера спроведоа рација во Commerzbank, во седиштето во Франкфурт и околу 40 филијали во земјата, поради сомневање дека неколку стотини нејзини клиенти затаиле данок преку полиси за животно осигурување, јавува Блумберг. Според надлежните, банката не е осомничена, туку сведок во овој случај и соработува со истражителите.
Обвинителите во Бохум, Германија ги испитуваат менаџери и персонал на не –германска компанија за животно осигурување, која не сакаат да ја идентификуваат. Меѓутоа, германските медиуми пишуваат дека истрагата е фокусирана на преку 200 богати клиенти кои се сомничат дека прикривале приходи остварени по основа полиса за животно осигурување, кои ги склучувале со огранокот на една италијанска финансиска институција во Ирска.
Според обвинителството, постои сомневање дека вработените во една странска финансиска институција им помагале на германските инвеститори да избегнат плаќање на данок од 2006 година, во преку 200 случаи.