Распишан Јавен оглас за давање под концесија на 39 ловишта во 11 региони

22

Вкупно 39 ловишта во 11 региони ќе бидат дадени под концесија. Јавниот повик веќе е во тек, а оваа година за прв пат при доделувањето на ловиштата ќе биде воведена електронска аукција со која ќе се избегне човечкиот фактор.
Од вкупниот број на ловишта, 26 се за ситен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 10 години, а 13 се за крупен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 20 години.
Сите заинтересирани ловечки друштва можат да се пријават на повикот најдоцна до 18 март, за кога е закажно и отворањето на понудите.
“Покрај домашните здруженија на ловци, на повикот можат да конкурираат и надворешни компании кои се заинтересирани да го вложат својот капитал во развивање на ловниот сектор во Република Македонија”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски.
Димовски информираше дека постапката за доделување концесија ќе се одвива во две фази, и тоа во првата фаза јавно ќе бидат отворени сите пристигнати понуди, а во втората фаза за прв пат ќе се спроведе електронска аукција.
“Минималниот концесиски надоместок е десетгодишниот износ на концесија даден во планските документи за секое ловиште посебно”, додаде Димовски.
Во Македонија има 264 ловишта, од кои досега 204 се дадени под концесија. За 39 ловишта постапката за концесија, односно јавниот повик е во тек, а за останатите 24 концесијата истекува во 2015 година.