Раст на бројот на баратели на азил во ЕУ во ноември 2023 година

12

Во ноември минатата година вкупно 108.950 лица кои не се државјани на ЕУ првпат поднеле барања за азил во некоја од земјите членки на Унијата, што претставува зголемување за околу 11 отсто во споредба со истиот месец во 2022 година, соопшти  Европската статистичка агенција – Евростат.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, лани во ноември се поднесени и 6. 375 барања од лица кои и претходно аплицирале за азил, што претставува раст на годишно ниво од три проценти.

Како и во претходните месеци, најголемиот број од барателите на азил или 23. 460 потекнуваат од Сирија, по што следуваат државјаните на Турција со 12. 870 апликации, Авганистанците со 7.930, Венецуелците со 6. 175 и Колумбијците со 5. 445 барања.  Дури 82 проценти од вкупниот број барања за азил се поднесени во пет земји членки на ЕУ – Германија, Италија, Шпанија, Франција и Грција.

Најголем број или 36. 495 апликации биле доставени во Германија, по што следуваат Италија со 14. 160, Шпанија со 14. 105, Франција со 14. 070 и Грција со 10. 285 барања.

Од вкупниот број апликации за азил, 3. 510 биле поднесени од малолетници без придружба. Над една третина од нив или 1.230 потекнуваат од Сирија, по што следуваат 580 малолетниците без придружба од Авганистан.