Раст на кредитите и депозитите на компаниите во април

56

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во април, бележат пад од 0,9% на месечно ниво. Падот во најголем дел произлегува од намалените депозитни пари и во помала мера заради долгорочните депозити во денари, при раст кај останатите компоненти.

Анализирано на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 14,3%, главно како резултат на зголемените депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните и на долгорочните депозити во странска валута, при пад кај останатите компоненти.

Во април, кредитите на корпоративниот сектор забележаа месечно зголемување од 0,8%, целосно заради зголеменото кредитирање во денари, во услови на остварен пад на кредитите одобрени во странска валута. Годишниот раст од 2,3% се должи на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поизразено учество на кредитите во денари.

Вкупните депозити на домаќинствата, во април, бележат квартален и годишен раст од 0,2% и 4,7%, соодветно. Нагорната промена по двете основи се објаснува со зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти.

Во април, кредитите на домаќинствата се повисоки за 0,6% на месечна основа и 8,9% на годишна основа. Притоа, на месечна основа, кредитирањето на домаќинствата во странска валута е поголемо од кредитирањето во домашна валута, додека на годишно ниво придонесот на кредитирањето во денари е значително поголем во однос на кредитирањето во странска валута.

Во април, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечен раст од 0,9% и 1,3%, соодветно, при годишен раст од 7,7% и 14,1%, соодветно.

Кај автомобилските кредити е забележан пад на месечна и годишна основа, за 1,7% и 14,5%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се намалија за 1,2% на месечно ниво, а на годишно ниво тие се пониски за 8,1%. Во април, негативните салда на тековните сметки бележат месечно намалување од 4,8%, при остварен годишен раст од 0,6%. Кредитите одобрени врз други основи, во април, бележат месечен и годишен пад од 0,7% и 6,6%, соодветно.

Фото: Pexels