Раст на платите во светот со најбрзо темпо во повеќе од 15 години

21

Во својот последен извештај, Меѓународната организација на трудот очекува дека реалните плати во светот ќе пораснат во просек за 2,7 отсто на крајот на оваа година, што е најбрзо темпо во повеќе од 15 години.

Агенцијата на Обединетите нации наведува дека платите ширум светот во последно време растат побрзо од инфлацијата, што значи дека состојбата значително закрепнува во однос на 2022 година, кога платите реално паднале за 0,9 отсто.

Организацијата истакнува дека глобалниот раст на платите е нерамномерен во сите региони, бидејќи економиите во развој забележале посилен раст од напредните економии, пренесува Мина.

Заработката во развиените земји од Г-20 реално се намали за 2,8 отсто во 2022 година и 0,5 отсто минатата година, додека платите во земјите во развој на Г20 се зголемија за 1,8 отсто во 2022 година и шест отсто минатата година.

Високото ниво на нееднаквост во платите е сè уште горлив проблем, забележува Меѓународната организација на трудот и додава дека најниско платените десет отсто од работниците заработуваат само 0,5 отсто од вкупниот износ на платите.

Спротивно на тоа, најплатените десет отсто од вработените во светот заработуваат речиси 38 отсто од вкупниот износ на платите, се наведува на веб-страницата на агенцијата на ОН.