
По падот регистиран во април годинава, во мај трговијата со земјоделско-прехранбени производи во ЕУ забележа раст и во делот на увозот и во делот на извозот, се наведува во последниот месечен извештај за трговија со земјоделски и прехранбени продукти во Унијата што денеска го објави Европската комисија.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, поголемиот раст на извозот во споредба со увозот, овозможи ЕУ во мај годинава да оствари суфицит во земјоделско-прехранбената трговска размена од 5,2 милијарди евра.
Во мај извозот на овој вид производи од ЕУ забележал раст од 8 проценти, достигнувајќи 19,4 милијарди евра, колку што изнесуваше и во истиот месец лани. Од јануари до мај 2023 извозот на земјоделски и прехранбени продукти од Унијата достигнал 95,7 милијарди евра, што претставува раст од над 8 отсто во однос на истиот лански период.
Најголем раст на извозот се бележи кај овошјето, зеленчукот, кондиторските производи, чоколадите и преработки од житарки. Сепак, како што се наведува во соопштението, овие зголемувања на приходите од извозот во најголема мерка може да се припишат на повисоките извозни цени.
Трите водечи земји за извоз на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ во периодот од јануари до мај годинава биле Велика Британија, САД и Кина.
Од друга страна, увозот на земјоделски и прехранбени продукти во Унијата во мај достигна 14,3 милијарди евра, што претставува месечен раст од 10 проценти. Од почетокот на годината пак, увозот на овие производи во ЕУ заебелажал раст од три отсто во споредба со истиот период во 2022 година.
ЕУ во периодот јануари-мај 2023 година најмногу увезувала житни култури, шеќер, тутун и растителни масла. Топ трите земји од кои увезувала ЕУ во првите пет месеци од годинава се Бразил, Велика Британија и Украина.