Расте бојкотот на израелската стока

13

Јавните агенции, општините и универзитетите во десетици провинции низ Турција најавија бојкот на израелските стоки и оваа недела.

Компаниите во сопственост на општини, универзитети и објекти управувани од локалните ограноци на власта во изјавите рекоа дека нема да продаваат израелска стока во кантини и други места.

Во текот на изминатите неколку недели, неколку медиуми објавија список на стоки произведени од компании кои отворено го поддржуваат Израел во неговите злосторства врз палестинските цивили во Газа, пишува Дејли Сабах.

Неколку невладини организации повикаа на бојкот од почетокот на палестинско-израелскиот конфликт во октомври. Корисниците на социјалните мрежи жестоко се залагаат за бојкот со списоци на производи вклучувајќи сè, од Кока-Кола до производи од мултинационалниот конгломерат Унилевер.

Протестите во Турција против блокадата и бомбардирањето на Газа ескалираа откако Израел почна да гранатира болници. Илјадници луѓе излегоа на улиците во октомври, организирајќи митинзи пред дипломатските претставништва на Израел во Турција.

На состанокот со претставниците на невладините организации во октомври, професорот Али Ербаш, шеф на Претседателството за верски прашања (ДИБ), повика на „решителен, постојан бојкот“ на компаниите кои „го поддржуваат ционизмот“. На истиот состанок, Билал Ердоган, претседател на одборот на директори на Фондацијата за проширување на знаењето и син на турскиот претседател, ги повика колегите од организацијата да се приклучат на бојкотот.

„Претставуваме важен пазар за израелските производи. Турција има доволно локални брендови… Мораме да направиме напори бојкотот да биде широко распространет“, рече тој.

Бојкотите на израелските производи и производите на западните компании кои го поддржуваат Израел го зафатија Блискиот Исток по нападите врз Газа. Низ регионот, Арапите огорчени од израелските напади се свртеа против брендовите поврзани со сојузниците на Израел, особено со САД.

Бојкотот беше проследен со апел до арапските држави да ги прекинат врските со Израел, додека изминатата недела во сите поголеми градови се одржаа пропалестински собири. По должината на автопатот со четири ленти во Кувајт Сити, огромни билборди прикажуваат слики од крвави деца во завои и слоганот „Дали денес убивте Палестинец?“, сугерирајќи им на потрошувачите да не купуваат израелски производи.