Расте бројот на странски туристи, а се зголемува и девизниот прилив од туризмот

27

Во Скопје денеска се одржа четвртото издание на Берзата за дојдовен туризам во државава, во организација на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ), а со поддршка од Туристичко-угостителската комора, Министерството за економија и Амбасадата на Швајцарија, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.

На настанот, чија цел е да се подобри комуникацијата меѓу различните групи чинители во дојдовниот туризам, да се помогне во разбирање на нивните бизнис потреби и да се овозможи полесно приспособување на туристичката понуда на државата во согласност со светските трендови, се обратија министерот за економија Крешник Бектеши, швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада и претседателот на НАИТМ, Влатко Сулев.

“Република Северна Македонија е една од земјите која го смета туризмот како приоритетен економски сектор благодарение на природните ресурси и културно – историското наследство, кои привлекуваат многу домашни и странски туристи“, истакна министерот Бектеши, додавајќи дека Владата во континуитет презема низа активности преку кои Македонија станува сè повидлива на туристичката мапа како дестинација.

Со мерките субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и субвенционирањето на авио летовите на нискобуџетните компании кои се покажаа исклучително ефективни ќе се продолжи и во наредниот период, но истовремено фокусот ќе биде ставен на  подобрување на услугите во делот на угостителството и туризмот, зголемувајќи ја контролата на категоризацијата на угостителските објекти и работејќи на развојот на човечките ресурси вработени во овој сектор.

“Дека мерките даваат резултати потврдуваат и бројките. Освен што константно имаме зголемување на бројот на странските туристи, односно изминативе осум години бројот е двојно зголемен, истовремено според податоците на Народната банка, девизниот прилив за периодот јануари – август 2019 година во однос на истиот период од претходната година бележи раст од околу 16%. Минатата година во туризмот се вложиле 2,1 % од вкупните инвестиции во земјава, а за годинава се очекува растот на инвестициите во однос на 2018 година да биде поголем за 10%“, информираше Бектеши.

Според Влатко Сулев, на овој настан се собираат сите чинители во туристичкиот сектор со цел запознавање со последните светски трендови во туризмот.

“Нашата држава има најголем потенцијал за развој на одржлив туризам по сите анализи кои се направени досега. Наредните 30 години главни клиенти ќе бидат помеѓу 50 и 70 годишните луѓе од западниот свет, тие се главната клиентела кон која треба да се стремиме и на нив главен мотив ќе им биде нови искуства“, потенцираше Сулев.

Во Република Северна Македонија според статистичките податоци континуирано се зголемува бројот на странски туристи, а со тоа и бројот на туристи и ноќевања воопшто. Според податоците од Народна Банка на Република Северна Македонија, девизниот прилив за периодот јануари – август 2019 година во однос на истиот период од претходната година бележи раст од околу 16%.

Покрај ова, минатата година во туризмот се вложиле 2,1 % од вкупните инвестиции во земјава, а за годинава се очекува растот на инвестициите во однос на 2018 година да биде поголем за 10%. Бројот на странските туристи во Македонија изминативе осум години e двојно зголемен, односно 98%, а вкупниот број на туристи забележува раст од 3.4%. Во периодот јануари-септември 2019 година, пак, во однос на истиот период од претходната година.

Особено радува фактот што во последните години се вратија и туристите од соседните земји, па бројот на туристи од соседна Бугарија е зголемен за 27%, од Грција за 63%, а од Турција дури за 150%. Од европските земји имаме постојан пораст на бројот туристи од Холандија, Финска и Полска.

Фото: Pixabay