Расте интересот за Еразмус плус програмата – одобрени 86 проекти искористени 96% од средствата

44

erasmus

Презентација на програмата Еразмус плус централна тема на Валоризационата конференција што се одржува во Скопје во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Во рамките на конференцијата беа презентирани и досегашните успешно спроведени проекти.

На конференцијата присуствуваа директори, професори и наставници на основни и средни училишта, универзитетски професори, студенти, претставници на компании и невладини организации и претставници на Министерството за труд и социјална политика.

Пред присутните се обратија директорот на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристески.

“Република Македонија е полноправна членка во европската програма Еразмус плус, што беше направено со исклучително добрата соработка со Европската комисија, која на Националната агенција ѝ оддаде признание за успешноста во работата и затоа дозволи Република Македонија да стане полноправна членка. И буџетите од година во година постојано се зголемуваат што претставува уште еден показател дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност работи успешно и транспарентно. Овој месец имавме супервизорска посета од Европската комисија и бевме оценети исклучително позитивно за имплементацијата на проектите од 2013 до 2015 година, рече“, истакна Димитров.

Националната агенција за европско образование и мобилност годинава обезбеди 4,7 милиони евра за стипендии. Интересот кај сите категории опфатени со програмата Еразмус плус е голем, а од пристигнатите 316 апликации, досега одобрени се 86 проекти. Досега се искористени 4,2 милиони евра.

Програмата Еразмус плус на заинтересираните им нуди да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања, воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од 7 европски образовни програми, програми за обука и млади и за прв пат во својата структура го додава спортот. Целта на Еразмус Плус 2014 – 2020 програмата е зајакнување на вештините и можностите за вработување, модернизација на образованието, обуката и младинската работа, како и обезбедување на можности за над 4 милиони Европејци да учат, да стекнат работно искуство и да волонтираат во странство.