Расте продажбата на нови товарни возила

69

Продажбата на новите транспортни возила со Еуро 6 стандардот ја зголемија продажбата на нови транспортни товарни возила, сметаат застапниците на производителите на овие возила, кои се претставуваат на третиот Саем за транспорт и логистика.

“Економската криза кај транспортните фирми влијае на нивните договори на транспорт, но повеќе се обрнува внимание на ЦЕМТ дозволите. За разлика од лани, оваа година продажбата е зголемена за околу 40%. Причина е доаѓањето на стандардот Еуро 6, како и тоа што имаме нов модел што го промовираме веќе две години“,  рече Ванчо Чичаковски, претставник на компанијата Volvo во Македонија.

Од вкупната продажба, околу 60% се нови возила со оглед дека со стандардот еуро 6 се уште нема половни.

Борче Арсовски, директор на Каргомакс Скопје, компанија застапник на италијанската корпорација Iveco, очекува да се намали интересот за купување половни возила и поради запазување на европските стандарди да се зголеми набавката на нови.

“Факт е дека во изминатите години продажбата е во опаѓање и во Македонија и во регионот, но се надеваме дека со излегувањето на новите мотори  Еуро 6 продажбата ќе оди во нагорна линија затоа што транспортерите во Македонија сакаат да го запазат трендот во Европа и има се поголем интерес за овој тип возила“, изјави Арсовски.

Министерството за транспорт за годинава првпат распредели ЦЕМТ дозволи со Еуро 6 стандард, а според најавите, бројот на дозволи со тој стандард во иднина ќе се зголемува, а ќе се намалува за останатите стандарди.

На третиот Саем за транспорт – товарни возила, што ќе трае до 31-ви овој месец, се присутни бројни светски брендови. На надворешниот изложбен простор на Скопскиот саем, на вкупна површина од 2.500 метри квадратни, се претставуваат импортери на товарни и комерцијални возила, компании кои вршат услужни дејности и компании од пратечката индустрија за товарните возила.