Расте ризикот од колапс на британската автомобилска индустрија

65

Најголемиот британски производител на автомобили, Jaguar Land Rover, преговара со две компании кои би му обезбедиле батерии за нивното евентуално производство на електрични возила во Словачка.

Блумберг посочува дека ова е само најнов показател дека британската автомобилска индустрија се соочува со зголемен ризик од колапс поради недоволното инвестирање во производството на делови за електрични автомобили, додека автомобилската индустрија ширум светот забрзано се свртува кон електрични и хибридни возила, а моторот со внатрешно согорување полека, но сигурно заминува во историјата.

Имено, речиси една деценија откако стана првиот голем европски производител на електрични автомобили, Британија ризикува да стане занемарена во ерата кога глобалната автомобилска индустрија се префрла на електрични возила, бидејќи и недостигаат фабрики за производство на батериски ќелии и батерии, а тоа е она што ќе им се бара на производителите на автомобили додека го напуштаат моторот со внатрешно согорување.

Поради тоа, одлуката на најголемиот британски производител на автомобили, Jaguar Land Rover, да влезе во преговори со шведската компанија Нортволт и кинеската компанија СВолт за набавка на батерии за нејзината серија електрични возила да се произведува во Словачка, e нешто што би можело да биде последниот удар за британската автомобилска индустрија.

Ако Британија не ги забрза инвестициите во производството на батерии за електрични возила, производителите на автомобили веројатно само ќе го забрзаат својот егзодус од таа земја, некогаш втора по големина база за нив. Во последните неколку години, Британија падна од листата на топ 15 земји во однос на овие инвестиции.