„Разбравме, послушавме“: Британија се откажа од намалување на даноците за најбогатите

58

Британскиот министер за финансии, Кваси Квартенг, најави дека владата се откажува од намалувањето на даноците за најбогатите и рече дека покажува оти ги разбира и ги слуша своите граѓани и дека нема намера да поднесе оставка, пренесуваат агенциите.

„Нема да ја укинеме даночната стапка од 45 проценти. Разбравме, послушавме“, објави Квартенг во изјавата на „Твитер“. Финансискиот план што владата на премиерката Лиз Трас го усвои пред десет дена предизвика шок на финансиските пазари и ја потона фунтата.

„Ова ќе ни овозможи да се фокусираме на спроведувањето на главните елементи од нашиот план за раст. Пред сè, на ограничување на цените на енергијата“, рече министерот, како што пренесува агенцијата АФП.

Лиз Трас, која стана премиер на почетокот на септември, и нејзиниот министер за финансии Кваси Квартенг на 23 септември објавија голем план за помош на енергетскиот сектор за домаќинствата заедно со големи даночни намалувања.

Тие најавија и други даночни намалувања, но нивната одлука да ги намалат даноците за најбогатите беше особено нападната поради што беа критикувани за фаворизирање на богатите во време на зголемени трошоци во Обединетото Кралство.

Банката на Англија итно интервенира минатата недела со програма од 65 милијарди фунти за стабилизирање на девизниот курс, што се закануваше со колапс на пензиските фондови. На прашањето на Би-би-си дали размислува за оставка, министерот за финансии категорично ја отфрли таквата можност.