Развојот и успешноста на една компанија зависат од квалитетот на вработените

364
ana
Ана Оклеска, директор на човечки ресурси на ПроКредит Банка

Ана Оклеска е директор на човечки ресурси во ПроКредит Банка. Оклеска смета дека кога вработениот лично придонесува и ги гледа резултатите од својата работа, кога тоа транспарентно му се признава, мотивацијата и задоволството од работата е многу повисоко и подолгорочно.

“Да работиш за меѓународна институција, која нуди отворени и јасни можности за напредување и докажување за секој кој сака да се надградува и вложи, која нема хиерархија и бариери се работи кои ги вреднуваат нашите вработени”, вели Оклеска.

БИ: Вашата банка ја практикува Програмата за млади банкари. Колку од оваа програма може да се регрутираат кадри според вашите барања и потреби?

Програмата за млади банкари претставува специфичен процес на селекција преку којшто и кандидатите и банката имаат можност да се запознаат подетално. Во рамки на периодот од 6 месеци, колку што трае процесот на селекција, банката отворено ги претставува своите вредности, мисијата, очекувањата, бизнис моделот. Истата можност ја имаат и кандидатите. Досегашното искуство покажа дека програмата овозможува подобро да се запознаеме со кандидатите, да видиме колку кандидатите се идентификуваат со нашите вредности и корпоративната култура, какви се нивните вештини и лични квалитети и дали истите се вклопуваат во нашиот начин на работење. Од друга страна, самите кандидати, учесниците во Програмата за млади банкари, имаат можност да ја запознаат банката подобро, да го запознаат начинот на нашето работење и да увидат дали се пронаоѓаат долгорочно во ПроКредит Банка.

ПроКредит Банка бара кандидати кои се поразлични од стереотипот на банкари, личности кои бараат секојдневни предизвици и гледаат можности во секоја промена. Нашата цел е да идентификуваме личности кои имаат жеба, мотивација и капацитет да ги менуваат работите и да придонесуваат за унапредување на секојдневната работа.

Овој процес е доста интересен бидејќи банката е отворена и транспарентна во однос на очекувањата што ги има од своите вработени, но и она што го нуди. Идејата е преку отворен пристап да се направи соодветна селекција на идните вработени и да се постигне “идеално” поклопување помеѓу двете страни.

b5b00904-1ce2-4255-8645-f836ae4240c2

БИ: Дали и колку дополнителните обуки на вработените помагаат во применување на новите практики во современото банкарство?

Развојот и успешноста на една компанија зависи од компетентноста и квалитетот на вработените. Стратешка определба на ПроКредит Банка е да понуди стручна и најквалитетна услуга, а тоа може да се спроведе преку мотивирани, изградени професионалци кои имаат широко познавање од банкарството и финансиите и поседуваат комуникациски и социјални вештини. За остварување на таа цел, ПроКредит Банка интензивно инвестира во развој на своите вработени. Обуките биле секогаш приоритет за ПроКредит како институција. Имено, групација на годишно ниво инвестира во обуки околу 15 милиони евра, а ПроКредит Македонија некаде приближно половина милион евра во обуки. За нас особена гордост е фактот што нашите клиенти сметаат дека вработените се стручни и добро подготвени. Од друга страна, клучните промени и воведувањето на новости е невозможно без добро подготвен кадар. Клучните новости кои ги воведовме, како што е на пример новиот модел на самоуслужување во Зони 24/7 оваа година ќе беше речиси невозможен без знаењата и вештините на секој вработен, во кој значително вложуваме.

БИ: Дали сте имале случаи да решавате конфликти меѓу вработени или некакви поголеми проблеми што би можеле да се одразат врз работењето на компанијата?

Позитивни промени и напредување може да се донесат само преку критичко размислување, дијалог и силни аргументи. Тоа се аспекти кои ние ги поттикнуваме кај секој вработен. Она што ПроКредит го има како култура е токму слободното изразување и решавање на предизвиците со конструктивен дијалог. Од таа гледна точка, слободно можам да кажам дека речиси секој предизвик помеѓу вработените донел некакви заклучоци од кои сите сме научиле, така што можам да кажам, дека различните гледишта помеѓу вработените имале позитивен придонес за работењето на банката.

2fbb7019-1e39-4f1b-aee5-5ccb0a80e611

БИ: Како ги мотивирате вработените да останат во компанијата? Повеќе од јасно е дека парите веќе не се главен мотив.

Токму така, парите не се единствениот мотив за работа. Една од причините за мотивацијата на вработените е и самиот факт што ПроКредит е меѓународна институција во која особено е изразена брзата и отворена размена на искуства помеѓу вработените во банките во рамки на Групацијата. Вработените на ПроКредит имаат отворена можност да добијат информации, да споредат искуства и да научат нешто ново не само во рамки на банката, туку и од било кој колега од друга банка во Групацијата. На таков начин полесно и побрзо се разрешуваат предизвиците во секојдневната работа, полесно се воведуваат промени и се отвораат нови гледишта, што во голема мера е фактор кој придонесува до задоволството на вработениот од својата работа.

Таквата размена на искуства покрај на редовните собири и деловни посети помеѓу банките, особено интензивно се случува во рамки на Академиите за вработени кои ги поседува ПроКредит како групација – aкадемијата во Фурт, Германија и двете регионални академии: ПроКредит академија во Колумбија за кадрите од Латинска Америка и ПроКредит академија во Македонија за кадрите од Источна Европа. На гореспоменатите академии се создава мултинационална образовна средина, при што се овозможува обука во многу области и надвор од банкарството и финансиите, развој на лидерски вештини, практична размена на искуства помеѓу банките во групацијата, контакти и дружење. Секој вработен кој сака лично да се надградува има отворена можност да се пријави на Академиите и да помине низ академската програма. Процесот на пријавување и селекција е транспарентен и еднаков за сите вработени без разлика на искуството и позицијата.

Дополнително она што постои во ПроКредит е и можноста секој вработен директно да даде предлози за усовршување на процесите и поефикасно извршување на задачите. Тоа е нешто што навистина се цени и поттикнува кај вработените. Кога вработениот лично придонесува и ги гледа резултатите од својата работа, кога тоа транспарентно му се признава, мотивацијата и задоволството од работата е многу повисоко и подолгорочно. Од друга страна преку системот на менторство, успешно се пренесува знаењето од поискусните на новите кадри, што е од особена поддршка за почетниците во патот на совладување на одредени знаења и вештини, а од друга страна е признание за улогата искусните колеги и довербата која банката ја полага на нив.

Во таа насока е и фактот дека банката нема строга хиерархија – туку напротив, секој може да даде свој предлог до секого, да работи во тим со секого, вклучувајќи го и врвниот менаџмент на банката. Имено, внатрешната култура се базира на взаемна соработка, каде секој е индивидуално одговорен за себе, но и за тимот.

Да работиш за меѓународна институција, која нуди отворени и јасни можности за напредување и докажување за секој кој сака да се надградува и вложи, која нема хиерархија и бариери се работи кои ги вреднуваат нашите вработени. ПроКредит несомнено има многу специфична и поинаква култура на работење. Ова се дел од работите кои сметаме дека се доста истакнати, видно поинакви од другите институции и што е најважно, навистина живеат како клучен мотивациски фактор помеѓу сите кои се дел од тимот на ПроКрдит не само во Македонија, туку и во рамки на интернационалната мрежа.

БИ: Кои се најголемите предизвици на луѓето кои се занимаваат со човечки ресурси во банкарскиот сектор?

Како предизвик за вработените кои што работат во оваа област го гледам токму моментот како да се најде вистинскиот вработен, а потоа и како да се најде вистинската позиција на кој што вработениот ќе го даде својот максимум, а каде што тој воедно ќе се чувстува исполнет.

Секако останува и отворен предизвикот како институцијата да се позиционира како работодавач којшто е поинтересен, поразличен од другите, односно да претстави што е тоа поради што отскокнува во однос на пазарот, со што ќе успее да ги привлече квалитетните и вистинските кадри кај себе.

 

* Фотографиите се од ПроКредит академијата за кадри од Источна Европа на Велешко езеро.