Re-Bot, машина што рециклира пластика е победник на овогодишниот климатски камп

39

IMG_0803

Re-Bot, паметна машина за надминување на предизвиците на тврдиот отпад го освои првото место на натпреварот за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност, стои во соопштението.

Идејата на тимот на Re-Bot, составен од Тамара Димитрова, Борко Јовановски и Стојан Димитровски вклучува и игра во која натпреварувачите можат да добијат поени и награди кога активно ќе рециклираат отпад како пластика и лименки.

Втората награда ја освои идејата за употреба на зеолити во борбата со емисиите на штетни гасови, а третата награда отиде за концептот на Еко Билборди за прочистување на воздухот.

На климатскиот камп 2016 се натпреваруваа девет тимови за награда од 10.000 долари за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност.

Во април годинава, УНДП и УСАИД објавија предизвик до сите граѓани да предложат иновативни идеи за справување со климатските промени. Организиран во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, предизвикот има за цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на Глобалните цели за одржлив развој поврзани со климатски промени и одржливи градови.

На натпреварот беа испратени повеќе од 60 идеи од кои девет најдобри се најдоа во потесниот избор. Во текот на викендот за тимовите беше обезбедена поддршка за развој на нивните идеи, работејќи со ментори од областа на науката, маркетингот и бизнисот.