Реализација

28

tabeli

Фото: Pexels

Веќе подолго време уверувам една познаничка дека треба да почне да го прави јавно тоа што најдобро го знае како хоби, но таа никако да започне. Знам дека има идеја како би изгледало тоа, па дури ѝ давам и совети, но никако да започне. Супер е во тоа што го прави, но има нешто што не ѝ дозволува. Има нешто што ја оттргнува да го реализира своето хоби.

Најстрашното е што не единствена, туку сите ние имаме или сме имале идеи, ама никако да започнеме со нивна реализација. Дополнилтено на ова, сигурен сум дека и вие сте биле во ситуација кога сте сакале нешто да започнете, но нешто непознато ве оттргнувало од тоа.

Идејата на овој совет на неделата да споделам со вас неколку совети – како да се решите од непознатото и да започнете со реализација на нешто што одамна сте сакале да го реализирате, но од икс причини не сте го започнале:

Истражување – потрошете време околу тоа дали веќе некој започнал со таква идеја, како ја остварил и каде е сега. Немојте да правите истражување локално, туку одете малку и глобално. Со тоа истражување многу ќе си помогнете околу идејата дали ви е добра и каде треба да се поправите. Научете од грешките на другите и гледајте вие да не ги направите истите грешки.

Планирање – пред воопшто да започнете со реализација на идејата, направете добар план што сакате да правите, зошто го правите тоа и што сакате да постигнете. Тој план нека се состои од некои основни начела:

  • Што сакате да правите;
  • Зошто го правите тоа;
  • Што сакате да постигнете;
  • Како ќе го постигнете и
  • Колку средства ви се потребни.

Планот задолжително ставете го на хартија. Само така ќе можете да одите на следната фаза.

Консултација – ете затоа треба тој план да ви биде на хартија, за да може да се советувате со ваши блиски или стручни лица околу вашата идеја и дали она што сте го напишале или сакате да го реализирате е реално и остварливо. Гледајте да се консултирате со пријатели коишто имале исто или слично искуство или, ако веќе немате такви во близина, тогаш побарајте совет од стручни луѓе, но гледајте тоа да бидат практичари, а не само теоретичари.

Реализација – започнете со реализација на вашата идеја. Немојте да одолговлекувате и да се плашите. Ако сте подготвиле пред тоа сè, ама баш сè, тогаш нема зошто да се плашите, туку ЗАПОЧНЕТЕ со реализација. МЕЧКА СТРАВ, МЕНЕ НЕ! Немојте да се декуражувате, туку напротив, секој ден бидете подобри. Едно да знаете, секогаш во околината ќе имате луѓе кои ќе ве оттргнуваат од реализација на идејата. Ако се чувствувате подготвени, нема зошто да дозволите сите тие луѓе да ве предомислуваат. Имајте на ум дека кога ќе започнете со реализација на вашата идеја, треба да бидете подготвени на:

  • Неуспехот е еден од најдобрите учители – од секоја грешка или неуспех, учете. Зашто од секој од нив ќе дојдете до решение и ќе бидете подобри во следниот чекор.
  • Клиенти – слушајте ги вашите клиенти или корисници. Немојте да влегувате во бранење на вашата идеја, туку слушнете го она што го велат тие. Можеби имаат да кажат нешто што ќе ја подобри реализацијата на вашата идеја.
  • Страст – можеби светот не го гледа вашиот талент, но ако вие работите со страст, пасија и љубов, сигурен сум дека ќе ги најдете вистинските консументи на вашата идеја и на вашиот талент. Што и да правите, ако не го правите со љубов, подобро е воопшто да не го започнувате.

Едноставно е нели?

Со успех во промените.