Реченици кои добар менаџер никогаш нема да ги каже пред своите вработени

25

Има некои реченици и зборови кои добрите лидери и менаџери никогаш нема да ги кажат. Тоа се зборови кои ги демотивираат вработените, уништуваат проекти и ги тонат компаниите. Добриот менаџер има моќ да влијае на своите луѓе и мора да ги избира своите зборови. Ако не ги избере, станува лош шеф.

Списанието Success разговараше со девет успешни лидери и ги праша што мислат дека лидерот никогаш не треба да каже.

Еве ги нивните одговори:

„Сега немам време“

– Да, лидерот е постојано зафатен. Задачите и состаноците траат вечно, но секогаш треба да најдете време да одговорите на прашањето на вашиот вработен. Ако постојано му кажувате дека сега не е време или да се вратиме подоцна, тој ќе престане да поставува прашања. Секогаш наоѓајте време за вашите вработени. Ако сте во средина на нешто, закажете точно време за да одговорите на нивното прашање – Џонатан Лонг, Market Domination Media

„Затоа што секогаш го правевме тоа“

– Силните лидери никогаш нема да го отпишат предлогот на вработениот со тоа што ќе му кажат дека работите секогаш се правеле поинаку. Силен лидер ќе слуша без предрасуди. А ако прелогот на вработениот не е добар, ќе им објасни зошто. Силните лидери се отворени за предлози и среќни да спроведуваат подобрувања – Џеф Кејли, Worldwide Cyclery.

„Каде ти е мозокот“

– Силен лидер никогаш нема да го праша својот вработен нешто навредливо како „Каде ти беше мозокот? Вработените грешат и важно е да им дозволите да учат од своите грешки наместо веднаш да ги обвинувате. Ако критикувате вработен на груб или пасивно-агресивен начин, вие само го учите да игра на сигурно, наместо да игра за победа. И тоа ги боли нив и целата компанија – Владимир Генделман, Компани Фолдерс, Инк.

„Колегата Х го прави тоа подобро од тебе“

– Споредувањето на вработените е најбрзиот начин односите во компанијата да се претворат во ривалство. Внатрешната конкуренција треба да биде здрава, а не одмаздничка. Раководството треба да се воздржува од етикетирање на некои вработени како подобри од другите. Силните лидери можат да пофалат нечиј успех без да ги навредуваат сите други – Дени Вонг, Бланк Лејбл.

„Не разбираш“

– Сите знаат дека ефективни лидери ангажираат паметни луѓе, а кога потоа ќе им кажеш дека нешто не разбираат, ја понижуваш нивната интелигенција. Не само што го повредувате моралот на тој начин, туку и ги спречувате да ја завршат својата задача уште пред да добијат чувство за ситуацијата. Силниот лидер разбира дека има несогласувања во тимот. Негова работа е да го отвори дијалогот и да ги разјасни работите – Џаред Браун, Хабстаф.