Речиси 10 отсто од земјоделското земјиште во ЕУ се користи за органско производство

85

Земјиштето што се користи за органско земјоделско производство во Европската унија продолжува да се шири. Имено, оваа територија се зголеми од 14,7 милиони хектари во 2020 година на 15,9 милиони во 2021 година, што е 9,9 отсто од вкупно искористената земјоделска површина во ЕУ, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Европската унија (Евростат).

Во периодот од 2012 до 2021 година, површините што се користат за органско земјоделско производство се зголемија во речиси сите земји на ЕУ. Најголем раст имаа Португалија (283 отсто) и Хрватска (282 отсто). Површината под органско земјоделство, исто така, брзо се прошири во Франција – за 169 отсто, додека повеќе од двојно се зголеми во Унгарија (125 отсто) и Романија (101 отсто).

Во 2021 година, Франција имаше 2,8 милиони хектари земјиште искористено за органско земјоделство, најмногу меѓу земјите на ЕУ. Следува Шпанија со 2,6 милиони хектари органско земјиште, Италија со 2,2 милиони и Германија со 1,6 милиони. Овие четири земји заедно сочинуваат речиси три петини од вкупната органска површина на ЕУ во 2021 година – Франција 17,4 отсто, Шпанија 16,6 отсто, Италија 13,7 отсто и Германија 10,1 отсто.

Во 2020 година, Австрија (26 проценти) имаше најголем удел на површини под органско земјоделство во вкупно искористените земјоделски површини на национално ниво, а во 2021 година, Естонија (23 проценти) и Шведска (20 проценти).

Спротивно на тоа, уделот на органското земјоделство беше помалку од пет проценти во шест земји на ЕУ во 2021 година, со најниско учество во Бугарија (1,7 проценти) и Малта (0,6 проценти).

Шведска е најголемиот производител на органски житарки и свеж зеленчук
Во 2021 година, органското производство на житни култури сочинуваше 6,2 отсто од вкупното производство на житни култури во Шведска, 5,5 отсто во Естонија и 4,4 отсто во Финска, што е најголем удел меѓу земјите на ЕУ.

Шведска, исто така, имаше најголем удел (17,7 проценти) на органско производство на свеж зеленчук во вкупното производство на зеленчук меѓу земјите на ЕУ, а потоа следат Германија (11,2 проценти) и Холандија (5,4).

Органските ратарски култури сочинуваат најголем дел од органското обработливо земјиште во Финска (99,1 отсто), Данска (83,1 отсто) и Полска (78,6 отсто). Ова беше во целосна спротивност со Чешка, Ирска и Словенија, каде што околу 80 отсто од вкупното органско земјоделско земјиште беше органско пасиште и ливада.

Еуростат, исто така, забележа дека се поголем број на говеда, овци и кози се одгледуваат со органски методи. На пример, пет милиони говеда од стадото на ЕУ од 75,7 милиони говеда (6,6 проценти) беа одгледувани органски во 2021 година.