Реформата на банкарскиот сектор во ЕУ зависи од германските банки

127

Аналитичар во Дојче банк се најде во неволја непосредно пред изборите во Германија, бидејќи напиша нешто што малкумина го кажуваат гласно: на банкарскиот сектор во земјата и треба сериозна реформа.

Склеротичната индустрија генерално е запоставена 16 години од канцеларката Ангела Меркел, која ќе остане на функцијата до формирање на новата влада – процес што може да трае со месеци. Земјата може да искористи нова можност да започне со долго одложуваните структурни промени во системот, напиша Пол Дејвис за „Блумберг“.

Многу Германци ги гледаат на финансиите како на слуги на индустријата, а не како посебна индустрија. Но, трансформацијата на Германија од економија со мотор со внатрешно согорување во нешто посоодветно за позелен и подигитализиран свет бара динамичен банкарски сектор кој може да финансира технолошки инвестиции и да им понуди на штедачите подобар избор. Компаниите во Германија се повеќе зависни од банкарските заеми отколку на кое било друго место во Европа. Има огромен број помали кредитори, под силно влијание на локалните политичари, кои можат да се користат за да им служат на веќе утврдените интереси и да ги заштитат неефикасните компании.

Германските банки се меѓу најмалку профитабилните во Европа, со најниска капитална база. Тие „цицаат“ повеќе пари од штедачите отколку банките на друго место, додека нудат слаби приноси и оставаат помалку пари на располагање за компаниите да растат со издавање акции и обврзници или преку фондови за ризични капитали.

Германските банки, исто така, не се доволно силни за да се соочат со конкуренција во Европа, а камоли на светската сцена. Додека не станат такви, има мала надеж за напори да се изгради вистински единствен пазар за финансиски услуги во Европската унија. И додека тоа не се случи, ЕУ никогаш нема да создаде стабилни и меѓународно привлечни пазари на капитал за да ја измести Британија како главен финансиски центар на континентот.

Оптимистите ќе забележат дека социјалдемократите, предводени од Олаф Шолц, веројатно следниот канцелар, сакаат да го поддржат проектот на Европската банкарска унија, со кој ќе се отстранат националните граници. Зелените, најверојатно нивниот коалиционен партнер во новата влада, имаат слична програма. Германија е најголемата економија во ЕУ. Таа мора да го води патот кон банкарската унија. Но, таа не го прави тоа.

Реформата во Германија мора да започне со консолидација, особено на ниво на мали локални штедилници. Исто така, треба да се стреми да ги намали трошоците низ индустријата со намалување на персоналот и филијалите. Конечно, реформата мора да стави крај на локалното политичко влијание врз она што го прават помалите банки.

Другите европски пазари, исто така, имаат нефункционални банкарски системи, но дури и Италија продолжува со сериозно преструктуирање, не само за да се справи со проблемот со лошите заеми, кој е далеку од завршен. Германија е најмалку реформираниот пазар во Европа, вели Николас Верон од Институтот за меѓународна економија „Петерсон“ и аналитичкиот центар „Бругел“. Единствена од својот вид, земјата има многу мали банки поддржани од државата.

Можеби се индивидуално безначајни, но тие формираат огромен меѓусебно зависен конгломерат, подготвен да спаси секого во неволја. Земено заедно, овие банки се речиси исто колку и најголемата европска банка, француската „БНП Парибас“. Вкупните средства на таканаречената финансиска група штедилници се 2,38 трилиони евра (2,78 трилиони долари) на крајот на 2020 година, наспроти 2,49 трилиони евра за „БНП“.

Повеќето штедилници во Германија се раководат од локален избран функционер, нешто како градоначалник, според студијата на „Бругел“, што ги прави инструменти за политичко покровителство. Тие, исто така, работат далеку од надзорот на Европската централна банка.

Таквите кредитори го шират проблемот преку нездрава конкуренција. Претседателот на надзорниот одбор на Европската централна банка, Андреа Енрија, во септември рече дека непрофитабилните заемодавачи постојано ги намалуваат цените на заемите до нивоа што го намалуваат профитот за сите, правејќи го секторот поризичен. Тој зборуваше за Европа воопшто, но Германија е шампион во оваа практика. Јан Шилдбах, аналитичар во Дојче банка, отворено и јасно ја изрази својата критика за домашниот пазар, посочувајќи дека германските банки имаат најлош поврат на капиталот во Европа и највисоки трошоци од едно евро приход. Покрај тоа, фактот дека многу од нив не можат да соберат пари на пазарите на капитал во итна ситуација, значи дека тие имаат слаба капитална база и се „постојана, латентна закана за финансиската стабилност во Германија“, пишува Шилдбах.

Тој не рече дека големите котирани банки, како што е Дојче, се толку потценети на берзите што имаат потешкотии да соберат средства. Ова беше премногу искрено за неговите шефови во чувствително време. Тие го прекорија, го повлекоа неговиот коментар и не се согласија со неговите ставови – што е жално затоа што тој е во право. Да бидеме фер, тој најверојатно ги навредил своите шефови критикувајќи ги германските финансиски регулатори дека не успеале да запрат неколку скандали, од кои некои се однесуваат на неговата сопствена банка.

Со цел да се подобри економијата на германското банкарство, новата влада мора да започне со консолидација на помалите банки, како и намалување на бројот на филијали и персонал. Ова најверојатно ќе го разводни влијанието на поединечните политичари врз одборите на штедилниците, вели Валерија Дингер, професор по економија на Универзитетот во Оснабрик. Ова може да доведе до подобри решенија за заеми. Банките имаат премногу моќ во Германија. Околу 40% од заштедите на земјата се на банкарски сметки (во споредба со 13% во САД, каде што повеќето заштеди се во пензиски и инвестициски фондови), според лондонската истражувачка група „New Financial“.

Ова објаснува зошто Германија има толку малку долгорочен капитал за да инвестира во компании преку пазарите. Осигурувањата, пензиите и другите средства во Германија вредат само 1,3 пати повеќе од бруто домашниот производ во споредба со 2,6 пати во Обединетото Кралство и 4,7 пати во САД. Поттикот кон Европска банкарска унија – а потоа и за унија на пазарите на капитал – е најперспективниот пат за реформи.

Ова не може да се случи без Германија, а германските банки не можат да се справат со поголема конкуренција без подобар профит и биланси на состојба. Фундаменталната реформа е единствениот начин за европските финансии да постигнат глобално влијание. И мора да започне со најголемата економија: Германија.