Регионална комора на СКМ за Вардарскиот плански регион

20

Demir_Kapija_115Вардарскиот плански регион, во кој влегуваат општините Кавадарци, Росоман, Неготино и Демир Капија, зафаќа 16,2% од територијата на Република Македонија. Регионот е пример кон кој треба да тежнее целата држава бидејќи 53% од БДП го создава во индустриската дејност. Овој регион 24% од производството извезува, а има увоз само 6 до 8%.

Ова беше изјавено од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески на денешната конститутивна седница на Регионалната комора со седиште во Кавадарци која е 16-та регионална комора што функционира во рамките на Стопанската комора на Македонија.

“Стопанската комора на Македонија нема да ги изневери вашите очекувања”, им порача Азески на присутните на конститутивната седница.

Стопанската Комора има нова определба годинава а тоа е отворање можност за извоз на нови пазари покрај европскиот на кој се остварува дури 62% од македонскиот извоз.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов истакна дека отворањето на Регионалната комора во Кавадарци била нивна желба многу одамна за, како што рече, сами да си помогнат.

“Со отворањето на Комората како регион ќе можеме на многу подиректен начин да учествуваме во креирањето на стопанската политика. Сметам дека оваа Канцеларија ќе биде пример и за другите за децентрализација на коморското здружување”, рече Панов.

На конститутивната седница едногласно за претседател на Управниот одбор на Регионалната комора во Кавадарци беше избран бизнисменот Митко Јанчев од Кожувчанка – Кавадарци, а за потпретседатели Никола Наумов од Градба проект и Славчо Јорданов од ТИМ – Неготино. Во Регионалната комора, како што беше посочено, стопанствениците од Кавадарци ќе можат да ги добијат сите неопходни документи за извозно-увозно работење.