Регионална конференција на Мајкрософт Централна и Источна Европа

16

Мајкрософт Централна и Источна Европа денеска во Скопје организира регионална конференција „Вистински импакт за подобро образование“. Учествуваат ИКТ експерти и наставници од регионот и од Европа за да разменат искуства за примената на современата технологија во образовниот процес.

Стефан Плавјански, директор на Мајкрософт за Македонија и Косово, изјави дека на регионалната конференција ќе се детектираат слабостите, како што рече, јазот во оваа област, и да се посочи што да се направи за тоа да се надмине. Задоволен е од примената на ИКТ во Македонија, каде што седум години Мајкрософт ја спроведува програмата „Партнери во учењето“.

„Ова е единствена можност да ги презентираме достигнувањата кои нашиот тим од 15-ина луѓе ги постигна од почетокот на програмата „Партнери во учењето“. Во меѓувреме инвестиравме повеќе милиони да се подобри образованието во Македонија, но поважно е тоа што го постигнавме – вклученост на околу 5.000 наставници и околу 25.000 студенти и ученици и признанија на светско ниво. Наставници и ученици од Македонија во изминатите три години освоија прво, второ, трето место на светски олимпијади“, истакна Плавјански.

Додаде дека во примената на програмата „Партнери во учењето“ активно соработуваат со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и им се заблагодари зашто, како што рече, имаат исклучително разбирање за новите трендови во образованието со вклучување на информатичко-комуникациска технологија.

На присутните им се обрати генералниот директор на Мајкрософт за Централна и Источна Европа Труди Норис-Греј, која рече дека ИКТ го менува животот во современиот динамичен свет и им овозможува на луѓето да бидат попродуктивни и поефикасни.

„Заедно треба да се ангажираме за подобрување на талентите на идните генерации.  Програмата „Партнери во учењето“ насекаде во светот има повеќе од два и пол милиони студенти, а бројот се уште расте”, рече Норис-Греј, која покрај од е-проектите во образованието е задоволна и од тие што се креирани во јавната администрација.