Регулаторна предлага пониска цена на парното од 1 март

54

v269205p0-600x388Во текот на следната недела Регулаторната комисија за енергетика ќе предложи намалување на цената на топлинската енергија од 13,26% за граѓаните кои се греат преку Балкан енерџи груп и 14,92% за оние што се греат преку топланата Скопје Север.

Како што истакна претседателот на РКЕ Димитар Петров на вчерашната прес-конференција, причина за тоа е намалување на цената на природниот гас кој има 70% удел во производството на топлинска енергија, додека останатите 30% отпаѓаат на мазут.

“Цената, доколку биде прифатена ќе важи од 1 март годинава. Веќе е изготвен нов правилник за одредување на цената на топлинската енергија, кој е разгледан во нацрт-верзија на подготвителна седница уште во декември, и во него се вклучени сите забелешки доставени до Регулаторот”, рече Петров.

Тој истакна и дека со измените на Правилникот се овозможува РКЕ на месечно ниво да ги менува цените на варијабилната топлинска енергија во интервал од плус – минус 5% (+/-5%). Со досегашниот Правилник тоа можеше беше овозможено само двапати годишно, во декември и во јуни.

На прашањето дали РКЕ одобрува двочасовно дополнително греење во Скопје како што предложи Балкан енерџи груп, Петров изјави дека Регулаторот нема ништо против доколку услугата е во корист на граѓаните, но додаде дека за тоа не можат да дадат писмен документ.

Доколку потрошувачите имаат забелешки на сметките што ги добиваат или на начинот на греење, треба да покренат барање пред РКЕ која ќе ги провери и ќе донесе одлука, додаде Петров.