Реконструиран граничниот премин Блаце

18

Зголемен проток на луѓе и стока, како и поефикасна работа на граничните служби ќе овозможи новиот реконструиран граничен премин Блаце, кој денеска беше пуштен во употреба.
Вицепремиерот Зоран Ставрески информира дека реконструкцијата е извршена со помош на финансиски средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
“Реконструкцијата чинеше 1,8 милиони евра, средства кои се обезбедни од ЕБОР. Реконструкцијата опфати зголемување на бројот на сообраќајни ленти, од две сега има четири за влез, и од две на три за излез од државата. Првата слика која ја добиваме за една земја е изгледот на нејзиниот граничен премин. Уреденоста на граничните премини кажува многу за функционирањето на државата во која патувате”, рече министерот Ставрески.
Во текот на оваа година, скоро 2 милиони луѓе го поминале граничниот премин Блаце во двата правци. Од јануари до ноември 2013 година, преку Блаце извезени се стоки во вредност од 280 милиони долари. Од нив 277 милиони долари се извоз во Косово. Увозот за истиот период изнесува 51 милион долари, од кои на 38 милиони се проценува увозот од Косово. За 11 месеци, трговската размена преку овој граничен премин изнесува 330 милиони долари или околу 10% од вкупната трговска размена на Македонија.