Рекорден број студенти од странство во ЕУ

Во текот на 2024 година, 1,65 милиони студенти од странство студирале на високо образование низ Европската Унија, што претставува 8,7 проценти од вкупниот број студенти. Од тој број, околу 514.590 студенти доаѓаат од други земји од ЕУ, додека преостанатите 1,14 милиони доаѓаат од земји надвор од ЕУ, според Европската канцеларија за статистика – Евростат.

Бројот на студенти од странство на универзитетите во ЕУ расте секоја година од 2016 година (кога тој број изнесувал 1,2 милиони), односно од почетокот на собирањето на овие податоци, а во 2023 година надминал 1,5 милиони. Помеѓу 2023 и 2024 година, е забележано дополнително зголемување од четири проценти.

Германија беше водечката дестинација за меѓународни студенти, примајќи 438.260 меѓународни студенти во 2024 година. Меѓу претпочитаните дестинации беше Франција со 284.865 студенти, по што следуваше Холандија со 176.470 студенти. Заедно, овие три земји примија 54,5 проценти од сите студенти од странство.

Луксембург, за споредба, беше домаќин на 4.305 студенти од странство. Сепак, тие сочинуваа 51,5 проценти од сите студенти на терцијарно ниво на образование во таа земја, што претставува најголем удел меѓу сите земји на ЕУ.

Малта, исто така, забележа многу висок удел на странски студенти на терцијарно ниво – 35,6 проценти, по што следуваат Кипар (21,6) и Австрија (20,8 проценти). Спротивно на тоа, Грција (2,6 проценти), Хрватска (3,5 проценти) и Шпанија (4,6 проценти) забележаа најниски удели.