
Се чини дека електрификацијата не оди во најдобра насока за традиционалните автомобилски компании. Volkswagen најави пауза во производството во некои фабрики поради послабата побарувачка, додека GM го одложи производството на електрични возила во Мичиген додека не најдат начини за поефикасно производство на своите автомобили со електрични мотори. Од друга страна, продажбата на електрични автомобили урива рекорди, а заслугата за тоа имаат најмногу поновите автомобилски компании кои првенствено се ориентирани кон електрификација, како што се Tesla и кинеската BYD.
Според најновите податоци за глобалната продажба на електрични автомобили, во првите девет месеци се продадени речиси 9,5 милиони електрични возила и plug-in хибриди. Од тој број, повеќе од 6,5 милиони се целосно електрични возила. Ова претставува околу 16 отсто од уделот на пазарот на автомобили, или 12 отсто ако ги гледаме само електричните возила, покажаа податоците од веб-страницата EV-Volumes. Особено добри бројки беа во септември, во кој беа продадени речиси 1,3 милиони електрични возила и plug-in хибриди. Речиси 900 илјади од нив биле електрични возила, што е рекорд на овој пазар.
Лидер на пазарот на исклучиво електрични автомобили за првите девет месеци, според овие податоци, е Tesla. Во текот на првите три квартали, компанијата на Маск испорача повеќе од 1,3 милиони електрични автомобили, земајќи 20,1 отсто од пазарот. Втор е BYD, кој испорача нешто повеќе од еден милион електронски возила, додека третото место го зазеде Volkswagen со 510.000. Ако на оваа статистика ги додадеме и plug-in хибридите, тогаш рангирањето е малку поинакво и водечкото место на пазарот го држи BYD, кој испорача повеќе од 2 милиони електрични возила и plug-in хибриди. На второ место е Tesla, а на третото место на ова рангирање е и VW.