Рекордни 4,3 милиони Американци ја напуштиле својата работа во август

51

Работниците во Соединетите држави ја напуштале работата со рекордно темпо во август, а вработените во баровите и рестораните, како и оние во трговијата на мало, масовно си заминувале, соопшти Министерството за труд во земјата.

Бројот на отказите го достигна највисокото ниво од декември 2000 година, откако 4,3 милиони работници ја напуштија својата работа.

Нивното учество се зголеми на 2,9%, што е зголемување за 242,000 во споредба со претходниот месец, кога изнесуваше 2,7%. Стапката на напуштање, која се мери во однос на вкупната вработеност, е највисока од декември 2000 година.

Историски гледано, се зема предвид нивото на доверба од страна на работниците дека ќе можат да најдат друга работа, иако динамиката на пазарот на трудот се промени за време на кризата околу КОВИД-19. Вработените ја напуштаат работата поради здравствени проблеми и проблеми со грижата за децата кои се единствени за околностите околу пандемијата.

Вкупно 892.000 вработени во областа на услугите за храна и сместување ги напуштија своите работни места, додека во трговијата на мало тие што заминаа се 721.000 на број, а во здравството и социјалната помош – 534.000.

Бројот на слободни работни места, исто така, нагло опадна во август, информира CNBC.

Слободните работни места паднаа на 10,44 милиони во текот на месецот, што е за 659.000 помалку од јули.

Прелиминарните очекувања беа за 10,96 милиони слободни работни места.